Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ вечерва продолжува со концерт на камерниот ансамбл „Профундис“ од Скопје под диригентската палка на Ѓурѓица Дашиќ. Солисти на вечерта се вилинистите Анна Кондратенко и Владимир Костов и пијанистката Весна Ангелова.
Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.
Камерниот оркестар „Профундис“ е „млад“ уметнички состав,кој постои веќе три години и чии цели се промоција на квалитетот и особеноста на изразот со посебен акцент на оригиналноста на сите концертни изведувања. Во него членуваат некои од најистакнатите македонски инструменталисти што се дел од двата професионални оркестри во Р. С. Македонија , Националната опера и балет и Националната филхармонија. Покрај класичниот репертоар, камерниот оркестар „Профундис“ се стреми кон развојот и на други начини на презентација (дигитални концерти, употреба на нови технологии).
Ѓурѓица Дашиќ дипломира на Факултетот за музичка уметност на одделот- оркестарско диригирање во класата на проф. Саша Николовски-Ѓумар. Од 2008 година е вработена во Националната опера и балет како хор- мајстор. Учествува во поставување и во одржување на целокупниот репертоар во Националната опера. Соработува со голем број истакнати диригенти во улога на соработник и на асистент-диригент, меѓу кои и Емил Табаков, Џанлука Мартиненги, Енрико Довико, Саша Николовски-Ѓумар, Вања Николовски-Ѓумар, Урош Лајовиц и со многу други.
Како оркестарски диригент, во својата матична куќа ги диригира оперите „Рита“ од Г. Доницети , „Севилски берберин“ од Џ. Росини и традиционалниот концерт Млади оперски надежи „Коста Трпков“. Активно учествува во подготовката и во реализацијата како оркестарски диригент на првиот македонски мјузикл „Тајно моја“, во чест на Тоше Проески.
Во 2018 година го формира камерниот оркестар „Профундис“ со кој активно работи како негов уметнички раководител и диригент и реализира исклучително успешни соработки и настапи.