Обдукциските наоди за двата пржевалски коњи во ЗОО Скопје покажале дека животните се отруени со брзоделувачки отров, и се трага по сторителите.
Скопје ЗОО во соопштение до јавноста истакна дека го осудува срамниот и кукавички чин, била поднесена официјална кривична пријава, и се проверувале сите снимки од безбедносните камери.
Но, како што дознава „Фокус” од свои извори од Зоолошката, токму камерите кои снимале во делот каде се наоѓале коњите, во тој период биле прегорени. Како што посочува нашиот извор, по неодамнешното невреме кое го зафати градот, токму тие камери прегореле.
Околу тоа дека во Зоолошката има голем број на безбедносни камери, веднаш по угинувањето на коњите и поранешниот директор Ѓорги Галетановски ни потврди дека за време на неговиот мандат се обратило посебно внимание околу тој дел, и речиси насекаде просторот бил покриен со видео надзор.
Веќе подолг период ЗОО Скопје е во центарот на јавното внимание поради немили настани. Угина жирафата Каспер, угинале и неколку пингвини, а актуелни беа шпекулациите дека установата останала без ветеринар, откако ветеринарна лекарка која подолг период работела таму добила отказ, и била обвинета за негрижа кон животните.
Но, како што тврди нашиот извор од ЗОО Скопје, во редовен работен однос биле двајца ветеринари, а неодамна бил потпишан и меморандум за соработка со две ветеринарни станици, па од тој аспект Зоолошката била добро покриена со ветеринарна грижа.
Кога се случи угинувањето на пржевалските коњи, вработен од ЗОО Скопје во полиција пријавил дека се сомнева како животните се отруени.
Станува збор за заштитена раса на животни, од која има околу 2.000 единки во светот. На Зоолошката и ги донирала компанијата „Сафари Македонија“ пред околу 12 години.
За „Фокус” од компанијата искажаа голема загриженост поради настанот, апелираа на транспарентност од институцијата и бараа детална истрага од МВР.
Порачаа дека во иднина ќе размислат дали некогаш воопшто ќе донираат животни на скопската Зоолошка.
Вики Клинчарова