Камчев треба да оди во Шутка на 1 јуни

by fokus

Управата на затворот во Шутка денеска добила известување дека обвинетиот бизнисмен, Орце Камчев и обвинетиот Ненад Јосифовиќ на 1 јуни треба да одат на издржување на едногодишната затворска казна.

Од затворот Скопје за Фокус објаснуваат дека од судија за извршување на санкции им стигнало известување дека овие двајца обвинети кои се спогодија со Обвинителството треба да се појават во затвор на 1 јуни.

Камчев вчера доби упатен акт за во затвор, односно за да ја издржи затворската казна од една година која ја доби за случајот „Империја“, по направената спогодба.

Сепак ова не значи дека Камчев уште денес ќе влезе зад решетки.

-Денот на јавувањето во установата се одредува така што на осуденото лице да му останат најмалку осум, а најмногу 13 дена од денот на приемот на упатниот акт, се предвидува во Законот за извршување на санкциите.

Сепак Камчев има законска можност да побара и одложување на издржувањето на затворската казна, поради повеќе причини како што се грижа за деца, болест и сл.

Една од можностите е и Камчев да побара одложување се до правосилноста на пресудата за ,,Плацеви на Водно”, за што исто така беше осуден на казна затвор од една година. Во тој случај се определува единечна казна, но и се собира времето кое го поминал во притвор. Бизнисменот за ,,Империја” беше 4,5 месеци во притвор, а за ,,Плацеви на Водно” 9,5 месеци.

Засега нема детали за тоа во кој затвор Камчев би ја издржал преостанатата казна од неколку месеци.

Камчев, покрај затворската казна плати и 5,2 милиони евра штета.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости