Камчев синоќа сам се пријавил за да преспива во затвор

by fokus

Осудениот бизнисмен, Орце Камчев синоќа со лична карта сам се пријавил во затворот во Струга каде треба да ја издржува затворската казна за случајот „Империја“, откако се спогоди со обвинителството, плати околу 5 милиони евра затаен данок и доби една година затвор.

Информацијата за „Фокус” ја потврдија од Управата за извршување на санкции. Откако еднаш го одложи издржувањето на затворската казна, Камчев на 1 јули се појавил во затворот, каде треба да биде во отвореното одделение, односно само да преспива во затворот.

Таму е и другиот осуден за овој случај, бизнисменот Ненад Јосифовиќ.

Камчев, иако со спогодба е осуден на казна затвор од една година, за случајот “Империја”, сепак тој треба да одлежи околу 7 месеци во затвор.

Казната во старт се намалува, бидејќи во неа се засметува и времето кое бизнисменот го помина во куќен притвор. Од охридскиот суд за Фокус потврдуваат дека Камчев според пресудата треба да одлежи една година затвор, но од затворот чекале судот да му го пресмета притворот.

Па така, тој во притвор влезе на 10 ноември 2018 година, а излезе на 27 декември. Од истиот датум пак замина во куќен притвор, кој му беше укинат на 29 март 2019 година, или сума сумарум, во притвор помина повеќе од четири и пол месеци.

Тој во мај ја смени адресата на живеење, од Скопје во Охрид и наместо во затворот во Шутка ќе лежи во Струга.

Поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков иако се најавуваше, се уште нема постигнато спогодба со Обвинителството за случајот „Империја”.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости