Откако судијата не прифати бизнисменот Орце Камчев да биде изземен како сведок, тој денеска сведочешe на рочиштето за „Меѓународен сојуз“. Камчев потенцираше дека во судницата недостасуваат неколку личности како Катица Јанева, нејзиниот син Лазар и Зоран Милески Кичеец.
Камчев истакна дека Јовановски му понудил два проекти за фешн мол и за изградба на старски домови. Но, тој не ги прифатил проектите бидејќи немало финансиска исплатливост.
-Од Зоран Милески, Бојан Јовановски и синот на Катица Јанева ми беше понудено да инвестирам во Шопинг мол и во други работи. Не прифатив оти мислев дека нема економска логика. Вториот проект беше финансирање на старечки домови преку `Меѓународен сојуз` – Јасна Мандиќ. Бојан Јовановски бараше локација во Карпош која е соодветна, јас имав локација. Беше спорен капацитетот, локацијата, тогаш Бојан ми кажа дека Стефан Богоев ќе помогне со локација, но потоа ми кажа дека Богоев го излажал. Јас не потпишав ниту еден од двата проекти, беа прескапи, рече Камчев, кој додаде дека Јовановски и Катица му се заканиле дека ќе му се случи ова што му се случило доколку не соработува.
Камчев рече и дека Фросина Ременски и таткото на Бојан, Миле Јовановски воопшто не ги познава.
-Никогаш во мојот живот Ременска, како и таткото на Бојан не сум ги видел, ниту чул, рече Камчев.