Камчев останува во „Шутка“, Кривичен му ја одби гаранцијата од 1,8 милиони евра

by fokus

Бизнисменот Орце Камчев останува во притвор, во истражниот затвор „Скопје“, бидејќи Кривичниот суд му ја одби и последната поднесена гаранција од 1,8 милиони евра. Информацијата за „Фокус“ ја потврдуваат од Кривичниот суд, од каде што додаваат дека Камчев има право на жалба пред Апелација.

-Кривичниот совет постапувајќи по предлогот на одбраната за кој се интересирате донесе првостепено решение со кое предлогот за укинување на мерката притвор и замена за друга мерка за обезбедување присуство се одбива. Против ова решение странките имаат право на жалба во рок од 3 дена до Апелациониот суд Скопје, ни одговорија од судот.

Како што веќе објави „Фокус“, Камчев неодамна поднесе нова гаранција до судот, со која бараше да излезе од притвор, одреден за случајот „Плацевите на Водно“. Гаранцијата се состоеше од имот во вредност од 1,7 милиони евра и готовина од 200.000 долари. Станува збор за имот на член на неговото потесно семејство. Како што неофицијално дознаваме, во понудениот имот имало и куќа, која била дадена под закуп до 2025 година на една странска амбасада. Од Обвинителството и претходно реагираа и даваа негативни мислења по поднесените гаранции од бизнисменот, бидејќи дел од имотот кој го заложувал веќе бил оптоварен со хипотеки, или не е со „чист имотен лист“, односно не се поклопува со она што е заведено во Катастар.

На последното рочиште за случајот „Плацевите на Водно“, бизнисменот истакна дека не е виновен и дека обвинението против него е одмазда за случајот „Рекет“.

В.В.

Поврзани новости