Бизнисменот Орце Камчев не ги коментира разговорите коишто викендов беа објавени на јутјуб каналот меѓу поранешниот премиер Никола Груевски и Камчев, чија автентичност вчера ја потврди Груевски.
Камчев не коментира ниту дали „бомбите“ се автентични, ниту ја коментира нивната содржина.
Без коментар остана и обвинителката Вилма Русковска која Камчев ја споменува во разговорите, односно вели дека бил спремен да ја „нападне“ обвинителката Лиле Стефанова, но немал гаранција од Русковска. Таа само кратко ни одговори дека е на состанок.
-Јас бев спремен да ја нападнам, но немав гаранција од Вилма (Русковска). Сакав да и ги извадам пораките на (Ванчо) Чифлиганец и нејзе за тоа таквото, тие што ги имам, разбираш. Ама да имам гаранција, да идам само јас со глава во ѕид, овие сите бегаат.
Зашто нејасно е зашто само мене Стефанова ми е обвинител во сите предмети. Јас ги имам тие, но треба да влезе обвинителство, со телефони, да ги земе и да ги отвори. Васе Димишков е сниман дека и бара на Ана 6 милиони, па таа не отвора истрага. Кај има таква работа. Сестра му уште е на предметот. Мафија бе шефе! – му вели Камчев на Груевски.
Поранешниот премиер бара објавените „бомби“ да бидат изведени како доказ на судењето за случајот „Плацевите на Водно“.
Двајцата соговорници разговараат за случајот во којшто Груевски е првообвинет дека со партиски пари стекнал плацеви на Водно.
Камчев е меѓу обвинетите, бидејќи, според обвинителството, преку купопродажба учествувал во затскривање на трагите дека овој имот всушност е на Груевски. На последните рочишта, Камчев призна дека плацевите биле на Груевски, кој, според Камчев, потоа постигнал договор да ги трампа за 3 ексклузивни станови во комплексот Панорама.
Но, во објавените разговори Камчев му говори на Груевски за исказот што го дал пред обвинителството, истакнувајќи дека рекол оти Груевски немал никаква врска со нив.
Ф.Ф.С.