„Не само јас, на Бојан Јовановски рекет му платија уште многу бизнисмени“. Ова е дел од сведочењето на бизнисменот Орце Камчев на денешното судење за случајот „Рекет“, во кој освен Боки 13 обвинета е и екс обвинителката Катица Јанева.
Како прв пример го наведе неодамна починатиот Жарко Луковски.
-Мојот неодамна починат пријател ми има кажано дека Јовановски му кажал дека доколку не сака да биде дел од „Империја“ треба да плати 200.000 евра. Кога беше апсењето, тој се исплашил и избегал во Србија. Потоа и од Белград му исплатил уште 250.000 евра, зошто бил ставен во „Империја“, а потоа извлечен, рече Камчев.
Тој пред судот истакна и дека и други бизнисмени биле жртви на рекетарската група.
-Знам дека платил и „Тинекс“, платил Главчев од Гевгелија, Дејан Панделевски, само тие не се одважија да кажат, но има материјали кои ќе го докажат тоа, рече Камчев.
Сепак извори од СЈО велат дека Луковски никогаш не бил осомничен во „Империја“, туку бил сведок.
Судењето е во тек.
В.В.