Бизнисменот Орце Камчев вечерва или најдоцна до утре ќе излезе на слобода, бидејќи Апелација му го укина притворот, потврдуваат од судот за „Фокус“.
-На притворениот му е уважена жалбата, решението е преиначено, односно прифатена е гаранцијата и укината е мерката притвор, ни одговорија од Апелација.
Од судот додаваат дека на Камчев му се одредени мерки на претпазливост, односно еднаш неделно да се јавува во судот и да не го напушта местото на живеење, односно да не излегува од Скопје.
Како што дознаваме од одбраната на Камчев, тој понудил гаранција од 11 милиони евра, која е составена од имот и кеш.
Тој новогодишната ноќ ја дочека во болницата “Систина” и се уште се наоѓа таму, поради што на слобода ќе излезе од болницата.
Два дена пред Нова Година на слобода излезе и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.
И Камчев и Мијалков беа во притвор за предметот “Плацевите на Водно”, односно за тајниот имот на екс премиерот Никола Груевски.
В.В.