Бизнисменот Орце Камчев пред неколку дена излегол на слобода, односно повеќе нема обврска да се појавува на спиење во затворот во Струга.
Тој неодамна побарал спојување на двете затворски казни кои требаше да ги издржи, односно тој беше осуден на една година затвор за „Империја“ и исто толкава казна доби и за Плацеви на Водно“. Па сега, наместо две години, бизнисменот доби една заедничка казна, која е намалена за четири месеци, односно вкупно требаше да одлежи една година и осум месеци.
Информацијата за „Фокус“ ја потврдуваат од Кривичниот суд, од каде што појаснуваат дека станува збор за редовна процедура, по што е одлучено вкупната казна да му се намали за 4 месеци. На ваквото барање на бизнисменот Обвинителството не поднело жалба.
Инаку бизнисменот во затворот во „Струга“ влезе пред четири месеци, каде што е сместен во отворено одделение, односно се појавува само за спиење.
Според пресметката на „Фокус“, на Камчев од казната му остануваат уште само еден месец, бидејќи од казната му се одбива и времето кое го помина во притвор. Поточно бизнисменот за ,,Империја” беше 4,5 месеци во притвор, а за ,,Плацеви на Водно” 9,5 месеци.
Сепак дознаваме дека Камчев веќе излегол на слобода, бидејќи од затворот добил и еден месец условен отпуст.
Камчев за случајот „Империја“ се спогоди со обвинителството и беше осуден на една година затвор, а исто така плати и 5,2 милиони евра штета.