Камчев и понатаму ќе биде без пасош, Апелација ја одби гаранцијата од 3 милиони евра

by fokus

Бизнисменот Орце Камчев и понатаму нема да може да ја напушта државата, бидејќи Апелациониот суд му го отфрли барањето за враќањето на патните исправи, односно македонскиот и бугарскиот пасош.

Пасошите на Камчев му беа одземени како превентивна мерка, а како осомничен во случајот „Империја“, кој го отвори СЈО.

-Апелациониот суд Скопје постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Империја“ ги донесе следните одлуки:

Решение КСЖ-722/19 со кое жалбата на осомничениот Ј.К од С. изјавена преку неговиот бранител ја одби како неоснована, а првостепеното решение, со кое е одбиен предлогот на осомничениот за замена на мерката претпазливост со гаранција, го потврди;

Решение КСЖ-774/19 со кое жалбата на осомничениот Н.Ј. од С. изјавена преку неговиот бранител ја одби како неоснована, а првостепеното решение, со кое е одбиен предлогот на осомничениот за замена на мерката претпазливост со гаранција, го потврди.

Вака донесените одлуки ќе бидат објавени во целост на WEB страната на судот во рокот определен со Законот за управување со движење на предметите во судовите, велат од Апелација.

Бизнисменот пред Апелација понуди гаранција од 3 милиони евра, откако Кривичниот суд претходно му ја одби поднесената гаранција од 2,2 милиони евра. Според судијката на претходна постапка гаранцијата не била доволна, бидејќи нанесената штета во случајот “Империја” е над 14 милиони евра, а понудената гаранција се однесувала на имот на “Кара”, која претходно го носела името “Орка”, а истата компанија е дел од истрагата.

Истрагата за случајот „Империја“ продолжува во редовното обвинителство, а надлежен обвинител и понатаму е Лиле Стефанова.

В.В.

Поврзани новости