Камчев и Мијалков во извештајот на Стејт департментот – неказнивост за оние со пари и врски

by fokus

Владата не секогаш ја почитувала судската независност и непристрасност иако Уставот предвидува автономност и независност на судовите, се наведува во извештајот од Стејт департментот за состојбата со човековите права во Македонија од 2022 година којшто беше објавен вчера.

-Според Судскиот совет, екстремно ниската доверба на јавноста во судството се должи на значителна судска корупција; судиите намерно ги одложуваат судењата или апелационото разгледување за да овозможат стапување на сила на статутот на застареност, особено во случаи од висок профил во кои се вклучени богати и влијателни бизнисмени или политичари; судиите за кои се смета дека соработуваат со бранителите за поткуп или тргување со влијание; и конфликт на интереси во комбинација со непотизам. Советот рече дека обвинителите покажале недолично однесување и корупција преку слабо гонење и намерно прекумерно или недоволно обвинение кое не е поткрепено со докази, се вели во една од потточките на извештајот.

Во извештајот се наведува и дека Владата презеде чекори за идентификување, истрага, кривично гонење и казнување на функционерите кои извршиле злоупотреба или учествувале во корупција. Стејт депртментот ги споменува и поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков и бизнисменот Орце Камчев и во него детално се наведени пресудите кои беа донесени за нив, нивното укинување, но и „затворскиот туризам“.

Наведено е дека Апелација ја укина пресудата за случајот „Таргет Тврдина“ односно за масовното прислушување и дека судот чекал да ја донесе одлуката 18 месеци, но и укинувањето на затворската казна за Мијалков за „Трезор“ за набавката на опрема за прислушување за Министерството за внатрешни работи.

-Според правните експерти оддолговлекувањата во одлуките на апелациониот суд за жалбите го зголемува ризикот од настапување застарување на некои од делата во некои од судењата за време на повторувањето на процесите и ја поткопува довербата и очекувањата на јавноста за одговорност во големиот скандал со прислушкувањата, се вели во извештајот.

Во извештајот се споменува и тоа што Мијалков и Камчев со сменија живеалиштето за да ја одлежат казната во отворениот затвор во Струга односно „затворскиот туризам“.

-Граѓанското општество и медиумите известија за фрустрација на јавноста во врска со нееднаквоста на правосудниот систем со неказнивост за оние со пари и врски. Јордан „Орце“ Камчев, на 6 ноември беше ослободен од нискобезбедниот затвор во Струга, откако одлежа вкупно 14 месеци и покрај повеќекратните казни за корупциски дела,се додава во извештајот.

Инаку Стејт департментот нотираше сериозна владина корупција, недостиг на одговорност за родово и семејно насилство, нечовечко постапување и тешка пренатрупаност во одредени затворски одделенија, закани и насилство кон припадници на ЛГБТИ-заедницата, но и врз новинарите.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости