Денеска во Кривичниот суд треба да се оддржи рочиште за случајот „Плацевите на Водно“, односно за тајниот имот на екс премиерот Никола Груевски. На рочиштето обвинетите ќе треба да се изјаснат за вина. Доколку признаат, тука за нив завршува судењето и ќе им биде одредена казна, доколку пак негираат, тогаш рочиштето ќе продолжи со давање на воведен говор.
На првото рочиште, пред еден месец, воведен говор даде обвинителката Лиле Стефанова, а по два дена рочиштето требаше да продолжи со изјаснување на вина на обвинетите. Но, пред да се исправат пред судот и да кажат дали се виновни или не, адвокатите побараа одложување на судењето, бидејќи обвинителката им достави нов доказ, оддамна најавен, а добиен преку меѓународна помош од Кипар. Овој доказ треба да го прикаже патот на парите со кој бил купуван имотот, односно како биле префрлани од една на друга офшор компанија.
Одбраната го искористи своето законско право да побара најпрвин да го видат доказот, па дури потоа да кажат дали се виновни или не. Сепак, на овој начин обвинетите си купија време од цел еден месец, бидејќи следното рочиште беше закажано за денеска. Тие имаа доволно време да направат калкулации дали ќе им се исплати да признаат вина, или да продолжат со судење.
За делото кое им се става на товар „Перење пари“, им се заканува затворска казна од 1 до 10 години. Ова би значело дека доколку на следното рочиште некој признае вина, би можел да се „извлече“ и со една година затвор.
Првообвинет е поранешниот премиер, Никола Груевски, а обвинети се и Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ и Јордан (Орце) Камчев, неговата мајка, Ратка Камчева и поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков.
Според обвинението, Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот“.
Неговиот кум Новачевски, бизнисмените Јосифовиќ, Јордан Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари“, а првиот братучед на Груевски и поранешен директор на УБК, Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“.
Предметот го води судијата Илија Трпков, а обвинител во случајот е Лиле Стефанова.
В.В.