Камчев го загуби одобрението за градба на болница во Карпош

by fokus

Општина Карпош на бизнисменот Орце Камчев му го поништи решението за градба на болница, што требаше да биде изградена на парцелата зад Клиниката Жан Митрев, дознава „Фокус“. Бизнисменот, односно „Систина фармација“, земјиштето го купиле во 2014 година, а одобрението за градба било издадено во 2015 година. Но, и по четири години градбата не била почната, иако законскиот рок е лимитиран на две години.

Од Општина Карпош ја потврдуваат информацијата на „Фокус“.

-Решението за ништовно одобрение за градење е издадено минатата недела, поради поминат рок за почнување со градба, велат од Општина Карпош.

Медиумите во 2014 година објавија дека бизнисменот, односно Друштвото за трговија и услуги за медицинска опрема „Систина фармација“ од Скопје е новиот сопственик на парцелата од 11.207 метри квадратни во кругот на Градската болница „8-ми Септември“, меѓу булеварите „Партизански одреди“ и „Илинден“. Парцелата, државно неизградено земјиште, кај поранешната Воена болница беше продадена по пат на јавно надавање.

Тогаш, според општина Карпош, на јавното наддавање учествувале три компании, но го купила „Систина фармација“ која била и најповолен понудувач. Фирмата го добила земјиштето по цена од 3.060 денари за метар квадратен, односно вкупно за него платила 557.616 евра.

Маркичката за планираната градба, освен за здравствени дејности, дозволувала компатибилни класи за намена на хотелски комплекс, мали комерцијални и деловни дејности и за спорт и рекреација. Според тогашни информации, приватната болница требало да се состои од приземје и пет ката, а нејзината висина до венец ќе изнесува 21 метри.

На местото на парцелата, оградена со тараби, видливо е дека нема градежни активности. Паркиран е еден багер, но не се забележува било каква работа на терен. Таму сепак се уште стои таблата која инвеститорот е должен да ја постави, а на неа пишува дека инвеститор е „Систина фармација“, изведувач е „Аполо инженеринг“, а одобрението за градба е добиено во ноември 2015 година.

Инвеститорот сега има право на жалба до Министерството за транспорт и врски.

В.В.

Поврзани новости