Бизнисменот Орце Камчев го тужи неделникот „Фокус“ за клевета, но денеска не се појави на закажаното судско рочиште во Основниот суд Скопје 2.
Неговиот адвокат Тони Менкиноски истакна дека Камчев инсистирал да присуствува на рочиштето, но од друга страна пак на прашање на судијката Јасмина Блажевска, одговори дека не побарале дозвола од Кривичниот суд, што е неопходно бидејќи се наоѓа во притвор за преметот „Плацевите на Водно“.
-Дополнително ќе се обратиме до судот за дозвола. Тој инсистира да присуствува, поради што предлагам одлагање, истакна адвокатот Менкиноски.
Судијката пак го потсети адвокатот дека имале неколку месеци на располагање за да побараат дозвола, бидејќи последното рочиште се одржално во јули, констатирајќи на записник дека адвокатот не доставил доказ дека се обратиле за дозвола и дека тоа ќе го сторат дополнително. По ова, Менкиноски дополни дека не побарал дозвола поради влошената здравствена состојба на неговиот клиент, но кога судијката му побара доказ, односно медицинска документација, тој истакна дека не располага со неа во моментот.
-Рочиштето е во моментот и затоа денеска треба да го доставите доказот за здравствената состојба, му забележа судијката Блажевска.
По сето ова судијката одлучи рочиштето да се одржи со сослушување на тужените, односно новинарката Ирена Мулачка, главната и одговорна уредничка на „Фокус“, Гордана Дувњак и директорката на „Медиа плус Фокус“ Биљана Трошановска. Адвокатот на тужените, пак, Лазар Сандев, истакна дека останува на ставот дека во тужбата не се содржат факти кои упатуваат на клевета.
Но набрзо рочиштето беше прекинато, бидејќи при сослушување на новинарката Мулачка, која одговараше на прашања на адвокатите на Камчев, судијката реагираше дека прашањата не се поврзани со наводите во тужбата, односно не се поврзани со тврдењата за клевета.
-Треба да се држите до тужбеното барање, реагираше судијката Блажевска.
Адвокатот Менкиноски пак се побуни дека не им било дозволено да ја докажат клеветата, поради што побара нејзино изземање, поради нестручно работење. По ова барање ќе одлучува претседателот на судот, по што дополнително ќе биде закажано и следното рочиште.
Камчев во поднесената тужба наведува дека се чуствува навреден, односно му била нарушена честа и угледот со објавениот текст во неделникот под наслов „Зошто доцни изградбата на штипската клиничка болница?“. Тој бара 40.000 денари надомест на штета за клевета.
В.В.