Камчев дури пет пати одбил да оди на лекар на државните клиники

by fokus

Адвокатите на бизнисменот Орце Камчев во изминатиот период постојано реагираат дека здравствената состојба на нивниот клиент е влошена, а тој, наводно, не го добива содветниот лекарски третман додека е во притвор. Тие реагираа и во Европскиот суд за човекови права од каде што бараат одговори од македонската Влада.

„На 30 јуни оваа година поради сериозно влошена здравствена состојба Јордан Камчев беше задржан 5 дена на Клиниката за кардиологија во Скопје откако претходно, неколкупати по влошување на неговата состојба беше пренесуван на истата клиника од затворот во Скопје. Во извештајот кој е добиен од страна на докторите по хоспитализацијата, неговата здравствена состојба е  карактеризирана како тешка, животозагрозувачка и истата треба со внимателност да се следи, за што е инициран и преглед месец и половина подоцна кој сè уште не е реализиран“, обвинија неодамна во соопштение од „Орка Холдинг“.

Но на едно од судењата за „Плацевите на Водно“ пак судијата Илија Трпков истакна дека на Камчев во неколку наврати, односно кога и да побарал лекарски преглед, му било дозволено да оди на државната клиника, но тој одбивал. Затоа прашавме во Кривичниот суд колку пати досега на Камчев му било дозволено да оди на лекар, а тој одбил?

-Во однос на вашите прашања како и зачестените објави на медиумите за здравтвената состојба на обвинетиот, а во консултација со надлежниот судија кој постапува по конкретниот предмет, ве информираме дека од добиените службени белешки и известувања доставени од КПУ Затвор Скопје и своерачно пишани изјави од обвинетиот во периодот од 23.06.2021 година до 02.11.2021 година обвинетиот 5 пати своеволно одбил да биде спроведен на медицински преглед во ЈЗУ УК за Кардиологија при комплекс клиники Мајка Тереза, ни одговорија од Судот.

Оттаму појаснуваат дека по дадените одобренија за преглед од судот,  обвинетиот Камчев дал забелешка дека нема довреба во клиниката и бара да биде прегледан од лекар на кој му верува, односно дека неговите барања се однесуваат за медицински преглед во Аџибаден Систина.

-Во однос на сите барања доставени од одбраната на обвинетиот за медицински преглед или посета, по комплетирање на целокупната медицинска документација, најчесто уште истиот ден кога и било поднесено барањето, Судот давал дозвола за спровод на обвинетиот на соодветен преглед или посета, со оглед на истноста во постапувањето како и доследно почитување на правата на притвореното лице, појаснуваат од Судот.

Оттаму додаваат и дека за сите дозволи за преглед известен е и Народниот правобранител.

-За постапувањето на судот, а по поднесена пртставка од одбраната на обвинетиот известен е и Народниот правобранител, а за сите дадени дозволи за преглед и посета на обвинетиот судечкиот судија известува и на секоја јавна расправа по конкретниот предмет, се со цел запознавање на странките, но и јавноста кои ја следат постапката, велат пд Судот.

Од Кривичниот суд за “Фокус” појаснуваат дека му било дозволено и лекари од приватна клиника да го прегледаат во затворот “Скопје”.

-Во текот на изминатиот месец по барање на одбраната, судот има дадено дозвола  медицински лица од приватна клиника да извршат преглед на обвинетиот во присуство на затворскиот лекар. Воедно во текот на овој
месец од страна на Затворските служби судот е известен дека обвинетиот бил тестиран за присуство на вирусот Ковид – 19, кој бил негативен, како и известување дека обвинетиот бил вакциниран со трета доза за Ковид –
19, појаснуваат од Кривичниот суд.

Оттаму додаваат и дека во текот на оваа недела добиен е вешт наод и мислење, изработен по барање на одбраната, за здравствената состојба на обвинетиот, заради што, согласно досегашната судска пракса, судот побарал конзилиарно мислење од Клиниката за гастроентерохепатологија, и  издал наредба до
КПУ Затвор Скопје за обвинетиот да биде спроведен во наведената клиника. Но Камчев повторно одбил да оди на преглед.

-При што, од Затворските служби до судот, е доставено известување дека обвинетиот одбил да оди во ЈСУ УК за Гастроентерохепатологија, односно да му се извршат медицински прегледи за утврдување на неговата
здравствена состојба, истакнуваат од судот.

Судењето за “Плацевите на Водно” се наоѓа во доказна постапка, односно се испрашуваат сведоци предложени од обвинителството.

Покрај Камчев обвинети се и поранешниот премиер, Никола Груевски, Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Ратка Камчева и поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков.

В.В.

 

 

Поврзани новости