Донесувањето на Законот за јавно обвинителство не е прашање на политички договор, туку приклонување на Собранието кон една нужност наложена со темелните начела на современата држава и право. Не може да постои држава и ефективен правен систем со постојано изигрување на законите, постојани аболиции, амнестирање на криминалот и корупцијата. На тој начин општеството не оди напред, смета академик Владо Камбовски.
По отворањето на петата сесија на Охридската школа на природно право на тема „Предизвиците во реформата на правниот, политичкиот и безбедносниот систем во Република Северна Македонија“, Камбовски забележа дека законот за јавно обвинителство, во кој треба да биде вметнато и Специјалното јавно обвинителство иако 10 месеци го подготвувале експерти, се сведе на политички договор меѓу пратениците.
– Законот го подготвуваше експертска група која работеше континуирано 10 месеци и одеднаш експертската мисла е исклучена од сето тоа и останува на некои нетранспарентни преговори меѓу пратениците. Тие немаат право на тоа. Мора да го слушаат гласот на науката за тоа какви решенија треба да бидат донесени. Погрешна е тезата дека Собранието може да прави што сака. Компетенциите на Собранието се ограничени. Нема апсолутна слобода да донесува какви било закони. Мора да донесува закони кои ги изразуваат темелните начела на современото право, на човековите слободи и права на независноста на судството. Веќе изградени критериуми, кои станаа општа сопственост на целиот развиен свет, смета Камбовски.
Според него, политичарите треба радикално да го променат курсот на политиката.
– Не може се да биде предмет на политички договор. Нема апсолутна слобода во политичкото договарање. Погрешна е тезата дека закон ќе стане сé она што ќе се договориме. Не сé што ќе се договориме, туку сé за кое ќе се договориме, а зад тоа стои општиот или легитимниот интерес на сите граѓани и коресподира со нивните барања, човекови права, слободи, еднаквост, толеранција…, рече Камбовски.
Забележа дека е изгубено многу драгоцено време во однос на донесувањето на законот за јавно обвинителство и посочи дека очекува до септември власта и опозицијата да ги усогласат своите ставови.
И академик Таки Фити смета дека проблемот со Специјалното јавно обвинителство треба да се реши, бидејќи тоа е еден од условите за отворање на преговорите за влез на земјава во Европската Унија.
– Има многу тензии меѓу двете политички партии. ВМРО –ДПМНЕ ќе подготви свој Предлог закон и тој до средината на месецот ќе биде доставен до Владата за да можат да најдат оптимално решение. Ова се значајни закони и треба да се земе во предвид она што бараат и опозицијата и власта, но тоа треба да биде добар закон. Тоа е основен предуслов за добивање датум за преговори, посочи Фити.
Тој смета дека доколку институциите се партизирани и нема квалитетни институции, тие неможат ефикасно да работат.
– Партизирани институции немаат кредибилитет, не можат да испорачуваат демократија, а ако не можат да испорачуваат демократија, тогаш владеењето на правото се става на втор план. Стално се зборува за капиталните инвестиции дека има низок степен на реализација што е точно. Последните информации од Владата се дека се засилува темпото, но ќе видиме. Тоа е многу битно за самиот економски раст. Капацитетите на институциите се битни за тоа. За да почне реализација на една јавна инвестиција треба да се донесат многу одлуки и да се разрешат имотно – правни односи, физибилити студии, ефектни трошоци… нема доволен капацитет луѓето во институциите да направат комплексна анализа, што е јавната инвестиција, каква е нејзината оправданост, кои се ефектите, трошоците, каде да се лоцираат… тоа се тешки прашања, истакна Фити.
На отворањето на школата присуствуваше и министерот за образование и наука Арбер Адеми, кој говореше за активностите на ресорното Министерство во однос на подобрување на образовниот систем во државата. Меѓу другото Адеми се задржа на изработката на новите закони во образованието.
Политиките, според министерот, треба да се градат на кредибилни податоци, како од домашни така и од странски институции.
– Сите наши политики мора да бидат базирани на кредибилни податоци и извештаи од кредибилни институции. Доста е веќе со креирање политики врз основа на перцепција. Доста е веќе експериментирање со нашите деца. Затоа не ретко сме креирале и политики креирани на перцепција, рече Адеми.
Забележа дека има простор за подобрување на состојбите во образованието. – Образованието е жива материја, која секогаш треба да се наградува и надградува да подлегнува на одредени промени имајќи ги предвид и глобалните трендови и текови, додаде министерот Адеми.
На петата сесија на Охридската школа на природно право на тема „Предизвиците во реформата на правниот, политичкиот и безбедносниот систем во република Северна Македонија“ учествуваат 20 студенти на мастер на правни и политички науки и пет студенти на докторски студии, како и врвни професори од земјава и странство.