По пејачката Калиопи најави новости, и како што вели големо изненадување наскоро, кое најверојатно е поврзано со нејзиниот соработник и поранешен сопруг, композиторот Ромео Грил. Заедно со видеото кое го објави на својот профил, таа порача дека е посветена на себе и на здравиот начин на живеење, ја слуша новата песна од Ромео, а публиката да биде трпелива, затоа што и тоа како ќе биде изненадена.
-Подобар нов почеток не можев да си посакам…додека ја слушам новата песна направена од Ромео, добивам уште повеќе инспирација за моите подготовки пред снимањето. И ова сонце е во согласност со моето расположение…полесно е и пешачењето со задолжителните 5 километри на ден, додека пак третманите во Афродита С, центар за убавина, се уживање и дополнителен ефикасен ефект во моето слабеење и одржување на саканата фигура и форма. А вие драги мои си знаете…јас секогаш сум сакала да ве изненадувам…а ќе бидете и тоа како изненадени, само бидете трпеливи!-порача Калиопи.
Освен по децениската кариера, таа е интересна за јавноста и со случувањата во приватниот живот. Со Ромео Грил беа во брак долги години и го имаат синот Пако, а во ек на популарноста се повлекоа од сцената и се преселија во Швајцарија.
По десет години живот таму, Калиопи се врати во Македонија и откри дека се разделиле со Ромео, а синот останал да живее со него во Швајцарија. По некое време таа се омажи по втор пат, за актерот Васил Зафирчев, а бракот траеше седум години. По разводот со него, откри дека со Ромео ја продолжуваат соработката на музичко поле, затоа што тој е човекот кој најдобро ја познава. Во изминативе години таа не крие дека со Ромео, но и со Васил се во одлични односи.
Во ноември лани по седум години пауза таа одржа концерт во земјава, и тоа во Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес, матичната куќа на Зафирчев.
Вики Клинчарова