Големо јавно внимание предизвикаа синоќашните концерти во Скопје, и тоа на две популарни музички имиња – Калиопи во Арена Борис Трајковски и Јелена Карлеуша во Арена Јане Сандански.
Истата вечер концерт во Дајмонд Мол имаше и Саша Ковачевиќ, но тој настан на некој начин остана како во сенка, поради големиот интерес за концертите на двете пејачки.
И двата концерти поминаа во преполни сали, со бројна публика од повеќе градови, но уште утринава започнаа и јавните препукувања околу тоа чиј концерт бил подобар.
Карлеуша, во нејзин препознатлив стил, со провокативна сценографија и костимографија, ги воодушеви љубителите на нејзината музика. За крај, на сцена излезе со македонското знаме и ја отпеа ,,Бисер Балкански”.
За многумина одличен потег, за дел од јавноста пак, непочитување на земјата во која гостува, бидејќи пеела по гаќи (иако не станува збор за долна облека, туку за сценска провокативна облека која е избор на голем број на светски музички ѕвезди).
Калиопи пак, позната како еден од најмоќните вокали кај нас, но и во регионот, на сцената се појави во елегантно издание, покриена до пети, а својата публика ја воодушеви со познатите хитови и емотивната изведба.
Дали требало да се поддржи домашната музичка сцена и да се присуствува на концертот на Калиопи, или пак да се имаат широки видици кога е музиката во прашање и во фокус да биде уметникот, а не националноста, стана актулена тема по вчерашните концерти.
Дали некој пеел подобро, дали нечии песни имале уметничка вредност или пак биле шунд, дали нечиј сценски настап бил вулгарен или стилски, тоа се денешните теми за кои се кршат копја на социјалните мрежи.
Сепак, и двете пејачки, секоја со својот музички стил и имиџ, покажаа дека имаат своја публика, која според сопствениот вкус избрала на чиј концерт ќе присуствува.
И од двата концерти, заминаа задоволни гости, но и пејачки кои се заблагодарија за поддршката од фановите и порачаа дека имале величенствена ноќ.
Вики Клинчарова