Популарната поп пејачка Калиопи минатата година го изгуби татко и Панта, кој почина на 83-годишна возраст. Веста за неговата смрт, како што тогаш раскажа за повеќе медиуми, ја добила за време на концерт кој се одржал на полињата со лаванда на поранешната менаџерка на Тоше Проески, Лилјана Петровиќ, каде настапувала хуманитарно, по повод донаторска вечера на која се собирале пари за училиште во село Темјаница.
Завчера пак, пејачката се присети на анегдота со татко и, по повод верскиот празник Пантелејмон, кој бил негов именден и објави видео снимка од концерт на Тереза Кесовија, на кој татко и и носи букет цвеќе на пејачката на бина и на микрофонот вели – Цвеќето на цвеќе стои, а љубовта е се уште жива кај неа.
-Денеска е Свети Пантелејмон, именден на татко ми… Бидејќи сите го викаа Панди, ретко кој знаеше дека неговото вистинско име е Панта. Не е тајна, тато беше голем обожавател на легендарната Тереза Кесовија, ја обожаваше со целото свое битие, со голема љубов кон уметникот.
Во 2003 година Тереза имаше концерт во Скопје, во Универзална сала. Тато и јас во првиот ред. Во еден момент тој исчезна, мислев отиде во тоалет. По неколку минути се врати со букет цвеќе кое веројатно го оставил во кола, за да и го даде по концертот. Но, понесен од нејзината емоција, во еден момент само го видов на сцена со букет и ми беше многу незгодно. Ај, што правиш таму тато???
Денес сум пресреќна што постои ова видео, што @mtv1.promo го овековечи овој концерт, затоа што сега сфаќам колку ми беше неоправдан срамот тогаш и колку сум горда и среќна што имав таков господин и шармер за татко.
Тато веќе го нема, но би бил исклучително горд на неговата врсничка, која се уште жари и пали со својата уметност, глас и емоција. Токму како што тој тогаш кажа: ,,Цвеќето на цвеќе стои. А љубовта е сеуште жива кај неа”.
Респект, драга моја Тереза Кесовија- порача Калиопи.
Вики Клинчарова