Популарната поп пејачка Калиопи беше главна музичка ѕвезда во Бања Лука, на хуманитарен концерт во организација на Град Бања Лука.
Станува збор за манифестацијата „Голем почеток“ во склоп на акцијата „Од Бања Лука со љубов“.
Имено, се работи за акција иницирана од градоначалникот Драшко Станивуковиќ, каде преку телефонски број за донации се собираат средства за изградба на куќа за привремено и долгорочно згрижување на деца, млади луѓе и возрасни со пречки во развојот.
Калиопи пееше на градскиот плоштад, а пред одржувањето на концертот во понеделникот, преку видео порака повика на масовност.
Покрај неа, настапи и Индира Форца.
Станивуковиќ објави фотографии од настанот со Калиопи и порача дека Бања Лука слави голем почеток, ги промовира новите шеталишта, паркови, над 50.000 туристи за време на летната сезона, како и почетокот на новата школска година.
Во време кога кај нас се доста актуелни регионалните пејачи, ангажирани на општински манифестации, како и јавните критики дека нашите музичари не се канат на настапи во регионот, Калиопи е една од ретките која може да се пофали дека била главна музичка гостинка на манифестација во друга земја.
Покрај неа, регионални гостувања има и Влатко Стефановски, а во минатото и легендарниот Тоше Проески беше чест гостин кој ги полнеше салите и беше омилен за тамошната публика. Исто така, чести гостувања во соседството имаа и Есма Реџепова и Ферус Мустафов.
Вики Клинчарова