Поп ѕвездата Калиопи деновиве работи на нови музички материјали во студиото ,,Морис” во Загреб, Хрватска, заедно со нејзиниот поранешен сопруг, композиторот Ромео Грил.
И покрај тоа што уште кон крајот на деведесеттите години ставија крај на десет годишниот брак, од кој го имаат синот Пако (26), тие двајцата ја продолжија професионалната соработка, но и останале блиски. Фотографии од студиото, каде во опуштена атмосфера работат заедно со Ромео, пејачката сподели и на социјалните мрежи, со порака дека Ромео знае што прави.
Ова не е нивна прва соработка по разводот. По неколку годишна пауза, тие заедно се претставија со песната ,,Црно и бело” во 2012 година, со која Калиопи настапи на Евровизија.
Автор на музиката беше Ромео, а таа го напиша текстот за истата. И во 2016 година, музичкото дуо ја создаде песната ,,Дона” со која Калиопи повторно не претстави на Евровизија. Ромео беше автор на музката и аранжманот, а Калиопи на текстот.
Нема информација дали дуото во Загреб подготвува нова песна со која Калиопи ќе конкурира и на годинашниот избор на песна на Евровизија. Но, освен со Ромео, Калиопи е во добри односи и со вториот поранешен сопруг, актерот Васил Зафирчев, со кого беше во брак седум години.
И, ако ретко открива детали за приватниот живот во нашите медиуми, за српските медиуми во неколку наврати има изјавено дека поранешните сопрузи и се најдобри пријатели.
Вики Клинчарова