Целата македонска, но и балканска јавност, со нетрпение го очекува првиот натпревар на македонската фудбалска репрезентација на ЕП против селекцијата на Австрија. Мечот се игра во недела со почеток од 18 часот.
Легендарниот спортски коментатор, Златко Калински во разговор за „Фокус“ говореше за моментите кои ги доживеал за мечот со Грузија, кога Македонија за првпат избори учество на едно такво големо натпреварување.
„Тој меч го следев со голема возбуда, со радост…Искрено, последните десетина минути повеќе ги слушав одошто ги гледав! Мислев дека ќе ми застане срцето… затоа што ми се враќаа спомените од минатото на испуштените шанси на безброј наши екипи и поединци, кои доаѓаа во ситуација да го „испуцаат пеналот“, да го зададат последниот удар, но најчесто не успеваа да исчекорат… со чест на исклучоците, ракометарките на Кометал и ракометарите на Вардар“, искрено вели Калински.
Како се наближува првиот натпревар, така расте и тензијата и возбудата кај македонската јавност, но и кај фудбалерите. Калински посакува нашите фудбалери да прикажат игра на високо ниво, како во претходните натпревари.
„Европското фудбалско првенство е високо натпреварувачко рамниште, полигон на кој нашите фудбалери првпат зачекоруваат. Македонија пред себе има три искушенија, натпревари во кои ќе ја нема фаворитската улога. Мислам дека првиот натпревар против Австрија е клучен. Поволен резултат на стартот би бил многу мотивирачки. Во спротивно, селекторот Ангеловски ќе мора да најде начин да избегне, евентуалниот првичен неуспех да се претвори во пат кон резултатски крах. Затоа тешко е да се зборува за очекувања. Посакувам, нашите фудбалери да го задржат досегашниот начин на играње,кој ги внесе во ова високо фудбалско друштво. Да истрчаат со верба во своите играчки способности и со мислата дека имаат шанса да испишат нови страници за македонската спортска историја“, додава тој.
Калински долги години беше зад тв-екраните, коментирајќи секакви спектакуларни настани и навистина е штета што немаше можност да ја коментира нашата А-репрезентација на едно вакво натпреварување.
„Коментаторството е дел од моето минато,но во животот и на овие години има нови предизвици. Го одработив своето и за ништо не ми е жал. Имав долг и многу убав работен век. Известував од сите делови на земјината топка, известував повеќекратно од најголемите светски спортски настани и уживав во работата, која можам да ја опишам како еден сон кој траеше повеќе од четири децении“, го заврши разговорот Калински.
Фото – ФФМ
Јорданчо Цветаноски