Калин Ивановски – тенисерот кој ја радува Македонија

by Fokus

Моментално најдобриот македонски тенисер, особено во јуниорската конкуренција, Калин Ивановски е во центарот на вниманието во Македонија но и во Европа откако пред неколку дена го освои турнирот М15 во Монастир, Тунис. Тој во финалето беше подобар од Азиз Кијаметовиќ со 2-1 во сетови, односно 4-6, 6-4 и 6-1.

Ивановски освои 15 бодови со триумфот на турнирот во Тунис, па така скокна неверојатни 310 позиции и се наоѓа на 779. место во светот и тоа е најголем успех за него во кариерата. Секогаш може подобро, но тој е свесен дека полека преоѓа од јуниорски во сениорски тенис.

Нашиот тенисер имаше одлично искуство оваа година, откако во јули месец зеде учество на јуниорскиот Вимблдон, каде беше поразен во четвртфиналето од Шпанецот Педро Роденас со 6:3, 6:7, 4:6.

На патот до најдобрите осуммина Ивановски ги елиминираше Британецот Пау, Мексиканецот Пачеко и Литванецот Бутвилас.

„Свесен сум дека правам чекор напред во кариерата. Многу е важна дисциплината во сениорскиот тенис и како јуниор учам што се случува надвор од теренот. Само со дисциплина можеш да направиш резултати и да си константен во истите“, вели Ивановски во интервју за Сител ТВ.

Она што е интересно, Ивановски се запознал со тенисот од своја четиригодишна возраст иако играл и фудбал, а неговата сестра е виновник за љубовта кон тенисот.

„Се заљубив во тенисот од мали нозе. И таа љубов трае. Среќен сум кога играм тенис, кога тренирам. Не е секогаш лесно но тоа е дел од патот. Тоа ме мотивира да продолжам да редам успеси во кариерата. Низ таков тежок пат поминал и Новак Ѓоковиќ. Многу сакам да играм за мојата Македонија“, додава тој.

Ивановски моментално најголем дел од тренинзите ги поминува во Загреб, Хрватска, каде негов тренер е Велимир Зовко. Кога станува збор за слободното време, може да се каже дека многу малку го има.

„Со овој спорт, како и со секој друг, тешко се наоѓа слободно време, да бидам искрен. Тренирам по четири часа на ден, па потоа имам фитнес вежби, па масажи. Но кога имам слободен простор, учам за училиште и се трудам да се видам со моите најблиски другари“, потенцира тој.

На јуниорскиот турнир од Вимблдон во 2021 година, Ивановски бил поразен во осминафиналето. Истата година, тој стигнал до полуфиналето на престижниот младински турнир Оринџ Бол за играчи под 18 години кој се игра на Флорида, САД.

Ивановски настапува за Македонија во Дејвис купот, каде има вкупен резултат од 9 победи и 2 порази.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости