Казните се релативно високи, но висината на казните во целиот случај не е најспорна, туку тоа што случајот „Рекет“ се сведе на претпоставки, а не на докази, вели за „Фокус“, професорот по кривично право на Правниот факултет, Гордан Калајџиев.
Тој вели дека неговото тврдење е далеку од тоа дека „тие се невини“, но за него е спорно што Обвинителството не ги докажало до крај делата за кои ги товари обвинетите.
–Поспорно е тоа што не беа повикани многу важни сведоци за овој случај и не беа изведени многу докази, Обвинителството го држеше под некоја контрола од политички причини. Делото „перење на пари“ за Бојан Јовановски не е докажано, односно не е докажано каде се пласирани тие пари, дали во некој бизнис, туку Обвинителството тврди дека тие веруваат дека тие се потрошени. Не е исто да тврдиш дека парите се потрошени и дека се испрани. Сѐ се сведе на претпоставки, без јасни докази. За Катица Јанева исто така не беше докажано дека ги зела тие 50.000 евра и мислам дека сето ова беше направено, не поради тоа што обвинителството е неспособно, туку поради политички причини да се пласира во јавност само она што треба, вели Калајџиев.
Пресудата се носи пред изборите коишто се закажани за на 15 јули, што за Калајџиев е исто така симптоматично, додека случајот „Меѓународен сојуз“, во кој е обвинета пратеничката од редовите на СДСМ, Фросина Ременски, се уште не е почнат и неговиот старт е закажан за на 1 јули. По пресудата за случајот „Рекет“, Калајџиев смета дека случајот „Империја“ во кој е обвинет бизнисменот Орце Камчев треба да прекине бидејќи, според него, нема морално правна смисла да се води.
–Факт е дека случајот „Империја“ не беше дел од бомбите кои и беа предадени на Јанева, таа го измисли или за да покаже сила или за да го оправда постоењето на истражните центри во Специјалното јавно обвинителство, вели Калајџиев.
Денеска беше изречена пресудата за случајот „Рекет“ во којшто им се судеше на првообвинетиот, Бојан Јовановски и поранешната обвинителка, Катица Јанева. По десетици рочишта и докази и тврдењето на Камчев дека дал еден и пол милион евра за Јанева, преку Јовановски, да му ја олесни положбата како осомничен во „Империја“, јавноста не доби одговор каде завршиле парите.
-Јас сметам дека најголемиот дел завршиле кај Бојан Јовановски и кај Катица Јанева. Тоа е моето лично убедување, рече обвинителката која го водеше овој случај, Вилма Русковска.
Фросина Факова-Серафиновиќ