Комисијата за помилување не призна грешка, како што тврди Мицкоски, туку дека се држи до принципи, напиша на Фејсбук професорот Гордан Калајџиев.
Неговата реакција следи по вчерашната прес-конференција на премиерот Мицкоски, кога тој рече дека со оставката членовите на Комисијата за помилување ја констатирале направената грешка и дека е доблесно да преземат одговорност.
„Жив човек кој што работи знае и да погреши, кога ќе се констатира грешката, ако се преземе одговорност тогаш тоа е и доблесно и јас така можам да ја коментирам одлуката на членовите на Комисијата која се занимава со областа на помилувањето. Констатирана е очигледно грешката и единственото нешто кое го имаат тие и како морален чин е да се повлечат, а тоа и го направија. Очекувам тука да се затвори оваа тема во јавноста“ изјави Мицкоски.
Инаку, професоот Калајџиев пред два дена ја објави одлуката за оставката на сите членови на Комисијата, при што наведе дека ја донеле во согласност со нивните лични и професионални принципи.