Професорот Гордан Калајџиев во вечерашното гостување на ТВ 24 коментирајќи ги притворањата на Сашо Мијалков и Орце Камчев рече дека притворот е непожелна мерка и дека во нормални држави на луѓе, особено богати луѓе, им се става имотот под гаранција.
-Орце Камчев е поинаква фигура, тој е од бизнисот. Многу е важно дека нив ги штити пресумпција на невиност, дури и по првостепената пресуда. Најлесно е да се притвори човек, тешко е да се донесе пресуда во разумен рок. Откако правдата ќе дојде задоцнето, доаѓаме до перверзија дека оние што се објект на системот, стануваат еден вид жртва. Притворот е непожелна мерка. Во нормален свет, најнормално е на луѓето имотот да им се стави под гаранција и каде ќе бегаат? И да бегаат ќе имаме повеќе корист, отколку штета. Вака апсењата се подложни на притисоци и корупција, теории на заговор и системот, особено ако е вклучена тајната полиција, наместо остварување на правдата дава елементи на борба со политички противници. Како што гледаме во држави кои не се примери за правдата, особено во Русија, смета Калајџиев.