Какви последици може да имаат децата по стресот претрпен со дојавите за бомби?

by fokus

Откако почна примената на новите насоки за постапување во случај на дојава за бомба во училиштата, односно два дена, нема информации дали имало нови дојави. МВР објасни дека нема да информира дали училиштата добиваат пораки за поставени бомби, а јавноста ќе дознае само доколку се појават реални закани, а не лажни дојави.

Но, како сега треба да се работи со учениците кои со месеци беа изложени на секојдневни дојави за бомби и беа евакуирани од училиштата?

Соња Угриновска, психолог, семеен и системски советник објаснува дека секоја дојава за опасност по животот на себе и на најблиските претставува стресна околност и создава интензивно чувство на страв и неизвесност и бара од луѓето да создадат услови за заштита.

Училиштата после дојавите за бомби подолго време се наоѓаат во ситуација да ги вратат децата дома кај своите родители. И секако дека и наставниците се соочуваат со непријатна ситуација а родителите се под секојдневен притисок.Она што е важно е дека при вакви ситуации што станаа доста чести, и секако во моментов и помалите деца слушаат за што се работи и баш кај нив сензитивноста и стравот станува поголем, посебно кај деца од 6 до 12 години, вели Угриновска.

Угриновска вели дека сега многу е важна улогата на училишните психолози

Таа додава дека нивниот страв може да биде изразен или потиснат , а најчесто се приметува во отпор да се оди во училиште или не прифаќање на училишната средина. Поголемите деца исто така може ефектите да ги чувствуваат и кај некои од нив да се појави страв, недоверба во училиштето што треба да претставува сигурно место, втор дом. А може и да се одрази во губење на интересот за секојдневните училишни обврски.

Децата кај кои и така имаат психолошки потешкотии, односно се по сензитивни на стресни активности, може да ја потенцираат овие случувања симптоматологијата на нивното однесување.

Голема улога треба да имаат училишните психолози кои е добро да ги примат учениците на разговор кога и да приметат дека детето покажува поразлично однесување и емоции од претходно. Да не заборавиме дека пристапот треба да биде доволно поддржувачки за секое дете да може да опише како на свој специфичен начин ја доживува неизвесноста и стравот, заклучува Угриновска.

Според новите насоки за постапување во случај на дојава за бомба, наставата не се прекинува, туку МВР врши проверка додека наставата е во тек.

К.С.Б.

Поврзани новости