АРХИВА Какви демократии посакува Ѓорге Иванов?

by fokus

Претседателот Иванов, веројатно замислувајќи се себеси како мошне информиран светски државник, изјавил дека има разбирање за маките на Ердоган, го охрабрил да им се спротивстави на демонстрантите поради тоа што, според неговите информации: „На сите им било познато дека во вакви настани се мешале странски држави, кои си прават свои игри. Така Ердоган од „клучен играч“ на светската сцена доби потврда за своите сомневања и може да продолжи со прогонот на учесниците против заговорот. Но, на сите им е јасно дека Иванов само изразува симпатии за тој вид владеење!

Текстот е објавен на 12 јули 2013 година во неделникот „Фокус“ во бројот 927

Пишувал
Ѓорѓи СПАСОВ

 

Претседателот Ѓорге Иванов го почна својот мандат со пофалби за системот на владеење на Владимир Путин, а го завршува со пофалби и со поддршка за системот на владеење на Реџеп Таип Ердоган. Во меѓувреме, покрај сите други „бисери на мудроста“, од професорот по демократија слушнавме и дека нашата демократија во Македонија била „космодиск демократија“. Според неговото објаснување, покрај сите укинувања на слободите на печатот, затворањето медиуми и новинари, насилното исфрлање на опозицијата од Собранието, лустрацијата и судството кое е под целосна партиска контрола, за што збор не изусти, таа демократија во Македонија, како и космодискот од рекламите, изгледала чудно, необично и исчашено, ама според него „функционирала“!

Што подразбира тој под функционална демократија, станува јасно од неговиот текст под наслов „Гледај Русија пиши Македонија“ објавен во весникот „Неделно време“, кој го издаваше Велија Рамковски. Ѓорге Иванов тогаш како аналитичар, разочаран социјалдемократ, со кого го формиравме Институтот за демократија и надежен член на ВМРО-ДПМНЕ, во 2006 година ќе напише:

„По деценија и половина, Македонија има неуспешна транзиција кон демократија и пазарно стопанство“. Како доказ за тоа ќе наведе дека „Дури, на пример, во извештаите на „Фридом хаус“ за 2005 година,  Македонија не е ни на листата на слободни земји, туку спаѓа во делумно слободните, а иста е состојбата и со слободата на медиумите“, ќе заклучи загрижениот Иванов, кој веројатно поради таквата лоша состојба влезе во политиката за да ги поправи состојбите.

ВООДУШЕВЕН ОД „ДИРИГИРАНАТА ДЕМОКРАТИЈА“

Но, веднаш потоа, во истиот текст, објаснувајќи како Путин успеал да ги поправи грешките во транзицијата од времето на корумпираниот  Елцин, во сугестивниот наслов на текстот „Гледај Русија пиши Македонија“, станува јасно што им нуди тој на своите нови работодавци. Тој воодушевено го пишува следново:

„Некогашниот разузнавач (целосно анонимниот Путин), најчесто со помош на своите поранешни (нелустрирани, м.з.) колеги, чекор по чекор почнува да ја средува Русија. Најсуштествено е тоа што се поставени правила и тие мора да се почитуваат“. Либерално определените правници и политиколози, според Иванов, ја преземаат одговорноста за создавање и функционирање на она што другите го нарекуваат „диригирана демократија“.

Изграден е, објаснува тој, специфичен облик на демократија, некои ја нарекуваат контролирана демократија. Имено, треба да има онолку демократија колку што дозволува нивото на развојот на општеството. Тоа што не може да се решава низ демократските институции и демократски процедури, не смее да се отфрла. Сето тоа се решава авторитарно“...

Воодушевен од овој модел на диригирана демократија за средување на состојбите, кој му го сугерира на Груевски уште во 2006 година, Иванов во истиот текст нуди и докази за неговата успешност.

Чеченија, со огромни жртви и терористички освети се враќа во рамките на Руската Федерација. Локалните императори се ставени под контрола, губернаторите во иднина ќе ги поставува претседателот, не ќе можат повеќе сами себе да се избираат и да имаат неограничена власт и моќ. Со доаѓањето на Путин во Кремљ, вратата за олигарсите е затворена. Ги прима само еднаш годишно, кога ги потсетува што мораат да сторат за Русија… Пресметката со олигарсите сѐ уште е во тек, дел од нив, како Березовски, Невзлин, Гусински, пребегнуваат во странство и се распишани меѓународни потерници за нив, другите како Ходорковски, Лебедев се во затвор. Во меѓувреме, државната каса се полни. Со полнење на државната каса јакне и моќта на Путин. Во многу региони почнуваат да се градат нови училишта, нови болници, нови патишта. Работниците не се заборавени… Особено се води сметка за станбената политика, борбата против корупцијата и зголемувањето на наталитетот. Фабриките за оружје ги произведуваат најмодерните атомски ракети „булава“ и „топољ“, се гради најсовремената, во светот, воздушна одбрана базирана на супериорниот С-400. Воените фабрики ја полнат државната каса. Денешна Русија не се вклопува во западните критериуми и принципи. Меѓутоа, согледани однатре, промените во Русија доведоа до неверојатен напредок. Денес 70 отсто граѓани на Русија му искажуваат поддршка на Путин (подвлеченото м.з)“.

„ПРИРОДНОТО ПРАВО НА ПОЛИЦИЈАТА“!

Оваа воодушевеност од Путин на претседателот Иванов беше карактеристична за почетокот на неговиот мандат. Денес неговото срце е со срцето на Ердоган, на кого му изразува целосна поддршка. А што е тоа што го воодушевило Иванов од постапките на Ердоган?

Премиерот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, по три победи на изборите и 11 години власт во Турција, се соочува со силни протести против начинот на неговото владеење. Иницијалната каписла за силните протести, според информациите од медиумите, беше одлуката да му дозволи на синот на еден од неговите министри да гради трговски центар  во паркот на Истанбул. Најпрво еколозите, а потоа и огромна маса луѓе излегоа и почнаа да излегуваат секојдневно да го изразат својот протест против таквата одлука, која се чини ја сметаат само за една од многуте со кои се демонстрира, пред сѐ, самоволието на Ердоган и на неговата  партија на власт.

Првата оценка на Ердоган за протестите беше дека тоа не се спонтани протести на „твитерџиите“ туку протести на „политички изманипулираните маси од страна на опозицијата“, во која се доминантни „кемалистите“, односно левичарите кои исламистичката десницата на Ердоган во Турција ги третира како нешто опасно и деструктивно. Во оваа фаза Ердоган ќе изјави и дека употребата на водени топови и на солзавец за растерување на опозиционите демонстранти, кои  доведоа и до смрт на некои демонстранти, се „природно право на полицијата“. Истовремено, за да ѝ покаже на опозицијата на која страна е мнозинството, организираше контрапротести и соопшти дека ако таа може да изведе на улиците 200 илјади луѓе, неговата партија може да изведе еден милион. И тоа почна да го практикува.

Откако демонстрациите не запреа, тој излезе со нова квалификација за нив и ги обвини учесниците во мирните протести за тероризам. Во оваа фаза Ердоган нареди да се апсат масовно, не само демонстрантите и новинарите, туку и адвокатите што беа ангажирани за заштита на нивните права, па дури и лекарите кои им помагаа.

И во третата фаза, која сѐ уште трае, Ердоган излезе со обвинување дека протестите се дело на „политички заговор на странски сили против Турција“, во кој протестантите се вклучени и дека тоа е обид за државен удар со странска помош. По ваквата квалификација, учесниците во протестот може да бидат притворани и осудувани за обид за државен удар како најтешко кривично дело.

„ЗОМБИ ДЕМОКРАТИИ“

Претседателот Иванов веројатно и замислувајќи се себеси како мошне информиран светски државник, изјавил дека има разбирање за маките на Ердоган, го охрабрил да им се спротистави на демонстрантите поради тоа што според неговите информации: „На сите им било познато дека во вакви настани се мешале странски држави, кои си прават свои игри. Така Ердоган од „клучен играч“ на светската сцена доби потврда за своите сомневања и може да продолжи со прогонот на учесниците против заговорот. Но, на сите им е јасно дека Иванов само изразува симпатии за тој вид владеење.

Угледниот лондонски „Економист“, анализирајќи ги случувањата во многу земји од Египет до Турција и од Украина до Белорусија, ќе забележи дека станува збор за „зомби демократии“. Во зомби демократиите, вели „Економист“, лидерите само повторуваат дека се избрани на легални избори и дека до крајот на нивниот мандат имаат право да ја спроведуваат програмата со која победиле без ограничувања од страна на оние што ги изгубиле изборите или што воопшто не излегле на гласање. Во таквите системи, механизмите за контрола на власта и за нејзино принудување да ги почитува Уставот и законите се ослабени или укинати. Во моментот кога власта во нив ќе се соочи со масовно незадоволство заради неиспорачаните ветувања и незадоволените потреби, таа лесно прибегнува кон манипулација и кон насилство, а системот инклинира кон диктатура во која се укинуваат и основните претпоставки за фер избори и мирни промени на власта.

На турските граѓани за време на протестите, националната телевизија им емитувала програми за животот на пингвините. Оттаму, турските твитерџии порачуваат: „секогаш кога ќе видите емисија за пингвините на телевизијата бидете уверени дека нешто многу сериозно се случува во вашата земја кое владата сака да го сокрие“.

По затворањето на А1, згаснувањето на дневен „Фокус“, „Граѓански“ и промената на сопственоста на некои телевизии, ние во Македонија  главно гледаме пингвини на телевизијата и остануваме само во дилемата дали сме најдемократска земја во светот, четврта најуспешна економија во Европа или само лидер во регионот. Никој не може да биде сигурен веќе дали за нешто што кажал или напишал пред пет години денес нема да биде уапсен и држен во притвор до судењето и затоа, кога новинарите остануваат само без работа или без плата, тоа  за нив е најблагата казна.

Но, за претседателот Иванов тоа е убавината на космодиск демократијата. Изгледа глупаво ама функционира! И има поддршка од 70 отсто од населението!

Поврзани новости