Откажување од понатамошно ширење на НАТО и влез на Украина во Алијансата, НАТО и САД да не разместуваат дополнителна војска и вооружување надвор од границите на земјите во кои се наоѓале во мај 1997-ма година, освен во посебни случаи со согласност на Русија и членките на НАТО.
Ова го содржи нацрт-договорот со САД и НАТО за безбедносните гаранции, објавен на сајтот на руското Министерството за надворешни работи.
Исто така, Русија од САД и НАТО бара да се откажат од сите воени активности на НАТО во Украина, Источна Европа и во Централна Азија и да не распоредуваат ракети од среден домет и пократок домет таму од каде што можат да ја погодат територијата на Русија.
Според објавениот договор, страните би се обврзале дека нема да создаваат услови кои другата страна би можела да ги сфати како закана, а би биле отворени и телефонски линии за итни контакти.
САД и нивните европски сојузници соопштија дека ги разгледуваат предлозите на Москва. За американската страна, „неприфатливи” се секакви разговори или преговори доколку во нив не се вклучени европските сојузници.
Инаку, САД се „сериозно загрижени” од „бројното и неиспровоцирано” зголемување на руски армиски сили долж границата со Украина, како и постојаното заострување на реториката од страна на Кремљ.
Вашингтон застапува дипломатски инструменти за деескалација на ситуацијата и запирање на агресивните дејства во однос на Украина.