„I.C.I.C. Kft.“ е називот на унгарската фирма на поранешниот македонски премиер Никола Груевски, која беше опфатена со црната листa на САД.
Поточно, американското министерство за финансии ја прошири постоечката црна листа, така што од Балканот се најде и името на Груевски, заедно со неговата унгарска фирма.
Инаку, Груевски ја споменал оваа компанија и на неговиот „Линкед ин“ профил, наведувајќи дека е нејзин „менаџер“ од формирањето во јули 2021 година досега.
Од официјално достапните информации, компанијата е регистрирана со основачки влог од 9.375 евра во градот Пецел, кој се наоѓа во непосредна близина на Бидумпешта.
Во унгарскиот трговски регистар, Груевски со неговата матична адреса на живеење во земјава во скопска Кисела Вода е наведен како единствено овластено лице.
Како што објавија дел од унгарските медиуми, оваа компанија е регистрирана како консултантско друштво, но со повеќе дејности, од трговија на големо со храна, тутун, порцелан, стакларија и производи за чистење, преку управување со средства, се до организација на конференции.
За потсетување, тој избега од државава во ноември 2018 година, пред да му биде врачен упатен акт за затворската казна од две години во случајот „Тенк“ за набавката на блиндираниот „мерцедес“, по што доби азил во Унгарија и му стана и советник за Западен Балкан на унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Сега, Груевски, заедно со неговата унгарска фирма, но и неговиот прв братучед Сашо Мијалков, се најдоа на американската црна листа, како одговор за нивната вмешаност во значителна корупција, поткопување на владеењето на правото, демократските институции и јавните процеси.
„Груевски бил вмешан во акти на корупција кои вклучувале користење на неговото политичко влијание и моќ за лична корист“, наведува Стејт Департментот, кој нотира дека тој „ја злоупотребил функцијата со барање и примање мито во замена за владини договори, злоупотребил јавни фондови и се мешал во изборниот процес за сопствена корист и политичка корист за партијата“.
Влатко Стојановски