Вчера попладне Неготино го прекри густ чад, откако на Армискиот полигон Криволак изби голем пожар. Загрижени за своето здравје, граѓаните бараат одговор околу загаденоста на воздухот кој го дишат.
Здружението на граѓани Ековита има поставено мрежа од десет индикаторски мерни станици во Неготино и околните места и континуирано го мерат загадувањето. Претседателот на Ековита, дипломиран инженер биолог Сашко Тодоров за „Фокус” ги соопшти резултатите од мерењата.
„Пожарот што го зафати воениот полигон Криволак, поради близината до градот Неготино, предизвика значителна аерозагаденост. Околу 17 часот, индикаторските станици регистрираа 9 пати повисока загаденост од дозволените 50 микрограми на метар кубен, достигнувајќи 425 микрограми на метар кубен. За среќа, овие вредности се задржаа само 15 минути, по што состојбата со аерозагаденоста се врати во нормални вредности.
Вчера пожарот го зафати и единственото заштитено еколошко подрачје Орлово брдо, што претставува значителен удар за локалниот екосистем.
Преземаме активности за поддршка на рехабилитацијата на погодените области и ќе работиме со експерти и институции за обнова на ова значајно природно подрачје, со цел заштита на биодиверзитетот на опожареното подрачје, изјави Тодоров.
Според последните информации, пожарот во полигонот уште е активен.
Вики Клинчарова