Каков план има ЕУ за да ја излечи зависноста од руски гас?

Во рамките на преработениот текст, Комисијата разгледува воведување задолжителни нивоа складиран гас за земјите-членки, истакнувајќи дека за да се подготви за следната зима, на ЕУ ќе ѝ треба „просечно ниво на складиран гас од најмалку 80 отсто до 30 септември“.

by Fokus

Воената операција во Украина додаде дополнителна итност во напорите на ЕУ да се одвикне од увозот на руски гас, што го наведе Брисел да ја одложи својата долгоочекувана дискусија за борба со астрономски високите цени на електричната енергија и да ја претвори во план за подобрување на енергетската безбедност на континентот.

Резултат од ова е предлогот за постигнување „поотпорен енергетски систем на ЕУ, со мерки за намалување на потрошувачката на гас и намалување на зависноста од еден снабдувач“, пишува Европската комисија.

Европската комисија изработи план со десет точки за намалување на зависноста на Европската Унија (ЕУ) од руски гас, како што се наведува во нацрт-соопштението до кое дојде „Политико“.

Складирање на гасот

Во рамките на преработениот текст, Комисијата разгледува воведување задолжителни нивоа складиран гас за земјите-членки, истакнувајќи дека за да се подготви за следната зима, на ЕУ ќе ѝ треба „просечно ниво на складиран гас од најмалку 80 отсто до 30 септември“.

Според Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), огромен дел од гасот што го троши, ЕУ го добива од увоз, а минатата година Русија учествуваше со дури 45 отсто од вкупниот увоз. Нацрт-текстот беше презентиран на 8 март и содржи и неколку мерки наменети за зголемување на капацитетот на ЕУ во однос на обновливата енергија, наречени „Нова енергетска спогодба“.

Брисел бара од земјите-членки на Унијата „брзо да обележат, проценат и обезбедат соодветна достапност на земјиште и море за обновливи проекти“ и се залага за користење на приходите од пазарот на јаглерод на ЕУ за финансирање нови инсталации. Во јуни, Европската комисија ќе изнесе препорака за издавање дозволи за обновливи извори на енергија, за да се намали бирократијата и да се забрза нивното воведување, како и за самостојна соларна стратегија.

Соларните панели на покривите „може да покријат речиси четвртина од потрошувачката на електрична енергија во ЕУ“, се вели во нацртот. Сепак, се истакнува дека Унијата зависи од увоз на соларни панели и ќелии, како и дека „во 2021 година, 20-25 отсто од планираните соларни проекти на ЕУ морале да бидат одложени или целосно откажани“, најмногу поради зголемените енергетски, материјални и логистички трошоци. Соларната стратегија ќе вклучува мерки за забрзување на инсталациите и „ќе помогне да се развие вредносен синџир за соларната енергија и да се зајакне конкурентноста на Унијата, како и нејзиното справување со зависностите“.

Брисел исто така сака да ја поттикне употребата на биогасот, препорачувајќи европско производство на 35 милијарди кубни метри до 2030 година и барајќи од земјите да ги насочат средствата од заедничката земјоделска политика кон „производство на биогас од одржливи извори на биомаса“.

Покрај новите мерки, Комисијата вели дека клучна ќе биде и брзата имплементација на климатскиот законски пакет „Подготвени за 55“, кој во моментов се разгледува од страна на Советот и Парламентот. Сетот предлози вклучуваат планови со кои зградите ќе се направат енергетски поефикасни, како и рамка за проширување на капацитетот на Унијата за обновлива енергија. Според нацрт-текстот, имплементацијата на предлозите од пакетот „Подготвени за 55“ ќе доведе до намалување на зависноста на ЕУ од гас за дури 23 отсто до 2030 година.

Меѓународната агенција за енергија објави план составен од десет точки за намалување на увозот на руски гас. Меѓу другите мерки, планот препорачува обврски за минимални количества складиран гас, забрзување на распоредувањето на обновливи извори на енергија и биоенергија, како и поамбициозни планови за енергетска ефикасност.

Колку ќе плати Европа за гасот?

Тешко е да се процени колку ќе чини замена на рускиот гас од цевки со течен гас. Од почетокот на годината земјите плаќаат меѓу 200 и 800 милиони евра дневно за испораките на „Газпром“. Во моментов, двете страни се фокусирани само на испораки со долгорочни договори – руската компанија не обезбедува дополнителен гас на европскиот пазар од летото 2021-ва година.

Едно е, сепак, сигурно дека полнењето на складиштата за гас по спот пазарни цени во февруари ќе чини 65 милијарди евра.

Според Брисел, напуштањето на рускиот гас е целосно остварлив план, пишува „Reuters“, додавајќи дека тоа би чинело трошоци и конкурентност за европската економија, особено што цените на енергијата веќе предизвикуваат економски проблеми.

Плановите на ЕК, кои ќе бидат детални и презентирани до крајот на мај, би можеле да и заштедат на заедницата нешто повеќе од 100 милијарди кубни метри гас од Русија во оваа година. Во 2021-ва година ЕУ увезла 155 милијарди кубни метри руски природен гас. Алтернативите се течен гас и повеќе гас од цевки – на пример од Азербејџан.

Неколку години за нови гасоводи

Земјите од ЕУ можат да увезат 50 милијарди кубни метри течен гас и уште 10 милијарди кубни метри алтернативен гас од цевки, соопшти ЕК. Но, проблемот е што потребната количина на течен гас е околу 10% од вкупното производство и би било предизвик за ЕУ ​​да го обезбеди. Производителите не можат толку брзо да го зголемат својот капацитет и ќе бидат потребни најмалку неколку години за да се зголемат залихите, пишува германската тинк-тенк „Agora Energiewende“.

Но, од друга страна, рекордните цени на гасот во Европа привлекоа многу испораки од САД и други производители. Од почетокот на годината на Стариот континент пристигнаа рекордни количества течен гас, но цената е 10 пати повисока од претходните години. Замената на цевководниот гас од Русија, испорачан со долгорочни договори, ќе значи и повеќе набавки на самото место, каде цената е традиционално повисока.

Побарувачката во Азија е предизвик и за Европа, која ќе мора да се бори да ги обезбеди своите залихи со дополнително зголемување на цените.

Европа ќе ја игра играта на рускиот претседател Владимир Путин доколку земјите почнат да се натпреваруваат меѓу себе за купување на течен гас, предупредува белгискиот тинк-тенк „Bruegel“.

Сепак, подобра стратегија е координацијата, вклучително и на меѓународно ниво. ЕУ може да ги искористи своите дипломатски врски за да игра заедно со другите големи купувачи на ЛНГ, охрабрувајќи ги производителите да ги зголемат залихите наместо да се натпреваруваат за истите количини.

Потребни се големи инвестиции

И ако гасот е предизвик, другите мерки на ЕК изгледаат речиси невозможни до крајот на оваа година – подобрување на енергетската ефикасност и зголемување на зелената енергија. Ова е од суштинско значење во планот на Брисел, бидејќи природниот гас во Европа е главен извор на енергија во производството на електрична енергија.

Се проценува дека само соларните и ветерните електрани можат да заштедат 170 милијарди кубни метри гас годишно до 2030-та година. За таа цел, сепак, нивниот капацитет мора да се зголеми на 480 гигавати од ветер и 420 гигавати од соларен капацитет. До 2021-ва година, инсталираните ветерни електрани имаат вкупна моќност од 189 гигавати.

Според проценките на „Bloomberg“, доколку земјите од ЕУ инвестираат вкупно 240 милијарди евра во периодот 2022-2025 година, би можеле да додадат 65 гигавати од ветер и 150 гигавати од соларна енергија.

Германија се договори со Катар

Германија со Катар се договори околу долгогодишно партнерство за снабдување со енергенси, во прв ред со течен гас (LNG), објави минатата недела во Доха германскиот министер за економија, Роберт Хабек

Хабек во Катар отпатува за да договори можни идни испораки на течен гас, што е, со најавеното градење два LNG терминала, дел од стратегијата на Германија да ја намали зависноста од гас од Русија и покрај двата нафтовода Северен тек, од кои вториот во услови на западните санкции поради војната во Украина веројатно уште долго нема да профункционира.

Тој освен со Катар, за засилени испораки на течен гас Германија разговара и со Норвешка и со Канада.

Катар е најголем светски произведувач на течен гас, но неговиот извоз главно е ориентиран на поскапиот пазар во Азија каде што има и развиена LNG инфраструктура.

Но уште во февруари катарскиот министер за енергатика Саад ал-Кааби предупреди дека нути Катар ниту другите земји-производители немаат капацитет, барем за брзо време, да го заменат рускиот природен гас во Европа доколку се прекине снабдувањето поради руско-украинскиот конфликт. Главниот проблем е што Катар има склучени долгогодишни договори со корисниците во Азија, и според процените само 10 до 15 отсто од продадениот гас веројато може да се пренасочат кон Европа.

Германија по руската офанзива во Украина, следејќи ги западните сојузници, најави дека сака да постигне независност од руските енергенти. Но оваа земја во моментов повеќе од 50 отсто од своите потреби за земен гас ги покрива со увоз од Русија.

 

Соња Танеска

Поврзани новости