Каков беграунд имаат политичките консултанти од Израел и Австрија кои сместиле бизнис во казино во Визбегово?

Тал Силберстеин, Петер Пулер и Зив Ерез, кои работеле на партиски и владини кампањи во земјава, се поврзуваат со компании регистрирани на иста адреса каде е лоцирано казиното „Плеј 4 Вин“ во скопско Визбегово. Силберстеин беше обвинет за валкана кампања во Австрија, а дел од неговиот тим бил и Пулер. Ерез, пак, навел дека работел во државава на изборите во 2020 и 2021, но не го открива клиентот. Што објави „Фокус“?

by Фокус

На иста адреса во скопско Визбегово, каде е лоцирано профитабилното казино „Плеј 4 Вин“, регистрирани се неколку компании во сопственост на израелски државјани кои работеле на партиски и владини кампањи во земјава, при што една од овие фирми е основана од австриски државјанин, а во друга како партнер се јавува лице од Косово вклучено во бизнисот со игри на среќа, пишува најновиот број на неделникот „Фокус“.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Една од нив е „Вју Тек“, основана на самиот почеток на 2021 година, со основна дејност за „издавање на останата програмска опрема“. Друштвото во 2021 година остварува приходи од скоро 18 милиони денари, а годината ја завршува со добивка од скоро 13 милиони денари. Во следната 2022 година, бележи раст на приходите за цели 520 проценти, со оглед дека тие достигнуваат 110,5 милиони денари. Раст има и кај добивката, која изнесува 34 милиони денари.

Официјалните податоци говорат дека компанијата е управувана од Моника Ангеловска, која има двајца сопственици од Израел. Едниот од нив е Јаков Сиван, кој поседува уште една фирма регистрирана на иста адреса во Визбегово. Се работи за „КСНМ Тецхнологиес“, основана на самиот крај на 2019 година за „управување со недвижен имот со хонорар или вез база на договор“, каде втор содружник е Астрит Красниќи, косовски државјанин кој бил дел од бизнисот со игри на среќа во родната земја.

Што се однесува до „Вју Тек“, партнер на Сиван е уште еден Израелец – Зив Ерез. Тој претставува добро познато име од областа на политичкиот маркетинг и консалтинг. Ја поседува компанијата со седиште во Израел „ЗигзаГ Медиа“. На неговиот сајт пишува дека Ерез е еден од лидерите на индустријата за дигитален маркетинг, како професионалец за креирање стратегии.

Зив Ерез

Освен тоа, навел дека водел повеќе од 20 политички кампањи ширум светот, постигнувајќи „извонреден успех“ за неговите клиенти, при што уште посочил дека дел од неговото професионално искуство се избори во повеќе држави: Британија, Израел, Украина, Грција, Грузија, Романија, Унгарија, Ангола и Маврициус.

Исто така, тој работел и во регионот. Поточно, во Албанија работел на парламентарните избори во 2021 година, а во Косово на парламентарните избори во 2020 и на локалните избори во 2021 година. На списокот е наведена и Македонија, каде Ерез работел на парламентарните избори во 2020 година и на локалните избори следната 2021 година.

Од причина што тој не открил за кои клиенти работел на двата изборни циклуси, одговор побаравме од неговата „ЗигзаГ Медиа“. Сепак, не го добивме, со образложение дека тоа е деловна тајна. Се обративме и до ДУИ, имајќи во предвид дека опозицијата говори за странска ПР-агенција и за Израелец што тера ПР на ДУИ, но и од таму не добивме одговор.

Во текот на изминатите неколку години, обезбедивме и консултантски услуги на неколку деловни и политички клиенти во Северна Македонија. Поради природата на нашата работа, ние сме обврзани со договори за необјавување како стандарден дел од сите наши договори и затоа не сме во можност ниту да ги откриеме нашите клиенти ниту да коментираме барања во врска со односите со нашите клиенти“, ни одговорија од компанијата на Ерез.

Инаку, тој подоцна влегол во сопственичката структура на „Вју Тек“. Историјатот на компанијата покажува дека таа првично била основана од споменатиот Сиван, како и од австрискиот државјанин Петер Пулер. Сепак, кој тој излегол од компанијата во втората половина на 2021 година. Денес, тој во земјава самостојно ја поседува „Публицон Консултинг“, која нема деловни активности.

Петер Пулер

Кога е во прашање Пулер, за него на Википедија може да се прочита дека е австриски новинар и консултант за односи со јавност, кој работел за повеќе „страни“ во Австрија, но и во странство. Во тој правец, запишано е дека во 2018 година ја водел и кампањата на поранешниот македонски премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев, што одговара на периодот кога се спроведуваше референдумот за Преспанскиот договор.

Покрај тоа, Пулер има уште една заедничка точка или врска со Заев, а тоа е познатиот израелски политички консултант и претприемач Тал Силберстеин, кој исто така поседува фирма во земјава. Тоа е „ТЦ Тецхнологиес“, компанија за „компјутерски и консултантски дејности“, формирана пред само неколку месеци со седиште на истата адреса во Визбегово, каде што е лоцирано казиното „Плеј 4 Вин“.

Тој стана пошироко познат, во негативна смисла, во 2017 година, кога беше обвинет дека креирал црна и валкана кампања во Австрија. Поточно, тогашниот социјалдемократски канцелар Кристијан Керн беше обвинет дека користел десетици страници кои промовираат ксенофобија во кампањата против опонентот Себастијан Курц. Како што пишуваа медиумите, Керн му платил на Силберстеин 400.000 евра за да ја создаде оваа кампања.

Потоа, тој беше отпуштен, особено откако во Израел почна истрага за наводно перење пари, но австрискиот медиумски тим што тој го формираше продолжи да ги води сајтовите. Во такви услови, Силберстеин објави дека повеќе не е заинтересиран за политички консултации.

Во меѓувреме, се појави една заедничка фотографија меѓу Силберстеин и Заев. Исклучително е интересен начинот на кој се случи тоа, ако се знае дека се работи за фотографија што самиот Заев им ја пратил на познатите руски комичари или измамници, кои го увериле дека разговара со поранешниот украински претседател Петро Порошенко.

Тал Силберстеин

Здраво пријателу, ти го праќам овој човек утре рано изутрина“, пишува Заев под фотографијата со Силберстеин, мислејќи дека разговара со Порошенко. Руските комичари, пак, глумејќи го Порошенко, одговориле: „А, Тал Силберстеин, не го видов во сликата. Тој ми помага со кампањата“. Заев, пак, реплицира: „Знам, ти посакувам успех. Тал е одличен тип“.

За негов ученик се смета уште еден експерт за политички маркетинг – Асаф Еисин, кој важи за главен консултант на српскиот претседател Александар Вучиќ. Оваа врска воопшто не е тајна. За тоа редовно пишуваат српските медиуми, а во една пригода Вучиќ рече дека без советите на неговиот пријател Еисин не би победувал толку долго и често.

Еисин ми е пријател скоро една деценија. Благодарение на неговите сугестии, ја намалив предноста на Ненад Богдановиќ на изборите за градоначалник на Белград во 2004 година од 16 на само 0,5 отсто. Ми помогна тогаш, ни помага и сега и секогаш ќе ни помага – рече Вучиќ, чии соработници го нарекуваа Еисин „агенција за победување на избори“.

Според регионалните медиуми, Еисин работел и во изборната кампања на Миро Церар, а тогаш словенечките медиуми пишуваа дека бил поврзан со израелската армија и „Мосад“. Романските медиуми, пак, пишуваат дека Социјалдемократската партија треба да му се заблагодари за изборната победа во 2016 година. Во меѓувреме, се нашол и во Бања Лука, каде што водел кампања за СД.

Воедно, работел како стратег на кампањата на израелскиот политичар Исак Херцог. Во тој период, Еисин работел и на предизборната кампања на црногорската ДПС на чело со Мило Ѓукановиќ. Интересно е што на црногорските избори таа година „учествувал“ уште еден Израелец – Арон Шавив, креаторот на победничката кампања на израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху.

Асаф Еисин

Официјално, казиното „Плеј 4 Вин“ е во сопственост на тетовската „Гаминг Професионал“ на Владимир Пауновски, во чии рамки функционираат подружници, односно казина и во Тетово, Кичево, Дебар, Охрид, Струга, Македонски Брод и село Жеровјане, Општина Боговиње. Во однос на казиното во Визбегово, од таму посочија дека соработуваат со една од споменатите компании од која го изнајмуваат објектот.

Но, тоа ќе биде предмет на интерес во продолжението на нашето истражување, кое е мотивирано од честите изјави и обвиниувања на опозициските функционери дека странски консулталти, додека работат ПР-от за ДУИ како параван, всушност 90 отсто од времето го трошела на, како што велат – развој на казино-бизнисот во државава, откако законската регулатива им го оневозможила тоа во Албанија и Косово.

Како консултанти од Израел и Австрија, кои терале партиска и владина кампања, се „вдомиле“ во профитабилно казино во Визбегово?

Поврзани новости