Многу приказни за легендарниот музичар Тоше Проески се објавуваат на денешен ден, кога се одбележува 16-годишнина од неговата трагичната смрт. Во сите приказни за него, покрај сеќавањата за неговиот голем талент, се провлекуваат и спомени за случки во кои тој ја покажал својата голема човечност.
По повод денот кога пред 16 години Македонија и регионот останаа занемени од веста за смртта на Тоше, ,,Фокус” разговараше со неговиот имењак, Тоше Илиев (31) од Кочани, момче кое денес благодарение на Проески живее и функционира како и неговите врсници, и израснал во одговорен и солидарен млад човек, кој на некој начин ја продолжил хуманата мисија на музичарот.
За Тоше Илиев јавноста слушна пред околу 23 години. Тогаш на негови осум години, тој се соочувал со тешка дијагноза, тумор на мозокот. Во 2000 година имал една неуспешна операција на клиника во Скопје, состојбата му се влошувала, и родителите како единствен спас гледале на операција на клиника во Германија. За операцијата биле потребни тогашни 50 илјади германски марки, и цело Кочани се солидаризирало и започнало со акции за собирање на средствата.
– Како што се сеќавам, во тоа време немаше социјални мрежи, па се одржуваа акции по училиштата, донираа и државни фирми од општината. Но, средствата не можевме да ги собереме. Моите родители во очај, не знаејќи веќе што да направат, на предлог на пријатели решија да се организира хуманитарен концерт во кочанската спортска сала.
Иако уште бев дете, мене, на моите двајца браќа и на родителите Тоше Проески ни беше идол. Решивме да се обидеме да го контактираме, да му предложиме тој да пее. Беше тешко да се најде телефонски број, да се стапи во контакт, беа тоа други времиња. Наш семеен пријател кој пред тоа имал средба со Тоше и размениле броеви ни кажа дека има контакт од него, па без двоумење тој му се јави.
Кога Тоше прашал за кого треба да пее, пријателот му кажал дека сум негов имењак, и Проески се насмеал и рекол – Штом е од Тоше за Тоше, се ќе биде во ред.
И така испадна – се сеќава Илиев, кој живее во родното Кочани и е дипломиран правник, кој работи во семејната фирма.
Раскажува дека концертот во Кочани поминал одлично, со огромен интерес и бил всушност првиот хуманитарен концерт кој го одржал Проески. Датумот на одржување бил први декември 2000 година, а поради огромниот број на публика, се собрале потребните средства за операцијата во Германија.
-На концертот се собраа 90 проценти од потребните средства, останатите се собраа од претходните акции. Имав само осум години, но се сеќавам на се. Имам неколку фотографии од настанот, но многу ми е жал што истиот не е снимен.
Заминавме во Германија, тоа беше моја втора операција во рок од само шест месеци. По зафатот сум бил некое време во кома, но за среќа, се се заврши добро. Последици од туморот останаа, имам оштетен вид, но живеам, тоа е најважно. Завршив факултет, пишувам поезија, фунционирам како и сите млади…
За Тоше, не знам што да кажам, нема вистински зборови за да се опише таа емоција, таа благодарност, од мене, од моето семејство.
Неговата големина, кога само со еден збор дојде и пееше за мене, а потоа станавме и семејни пријатели, тоа е приказна која ми остави вечен траг во животот.
По операцијата, редовно се слушавме, се видовме повеќе пати, ги запознавме неговите родители… На секој негов успех се радував од срце, се јавував да му честитам.
Кобното утро, кога се случи сообраќајката на сите ни ги промени животите – вели Илиев.
Се сеќава дека се уште спиел, кога дошол неговиот дедо и го разбудил. Имал тогаш 15 години. Помислил дека дедо му го буди за да оди на училиште, но не било така.
-Зборовите на дедо ми, дека Тоше починал, ми дојдоа како голем шок. Станав, телевизорот беше вклучен, на сите ТВ станици одеше веста за трагедијата. Многу тешко го поднесов тоа. Целото мое семејство го исплака, ние сите изгубивме наш, близок човек. Гласот уште ми затреперува кога ќе се сетам, тешко е…
Утеха пронаоѓам во тоа што ја имав честа да го познавам лично, што тој беше дел од мојот живот, но и што имав можност да живеам во тоа време кога тој твореше и ни остави на сите едно големо културно богатство – раскажува Тоше.
Вели дека по неговата смрт, со сестрата на Тоше, Дора, се сретнал во неговата спомен соба. Тогаш го запознал и Никола, помалиот внук на Тоше, а брат му Кристијан го познавал од порано, од времето кога Тоше бил жив и кога го посетиле во Крушево.
-Разговараме со Дора, но што и да кажеме, болката и тежината остануваат. За родителите на Тоше, немав храборост да им се јавам по неговата смрт, што да им кажам, што да ми кажат тие мене. Луѓе во чиј дом сум бил, сум гледал како живеат во љубов и слога, колку беа среќни сите заедно, сега вака скршени од животот… Нема зборови за утеха, многу, многу е тешко сето ова – вели Илиев.
Раскажува дека благодарение на Тоше, тој добил инспирација да помага на другите, исто како што него му помогнал Проески, но и сограѓаните од Кочани, па кога наполнил 18 години започнал со свој проект, организирање на хуманитарен концерт, на истото место, во спортската сала каде во 2000 година и Тоше пеел за него.
-Сакав да продолжам по стапките на Тоше, да помогнам таму каде што може, да подадам рака, како што тоа се направи за мене. Тоа ми е како еден вид на аманет од него, да помагам, да се обидам да променам нечиј живот на подобро…
Започнав со организација на концертот ,,По патеките на Тоше”, традиционално, секоја година на неговиот роденден. Првата година настапија само локални пејачи и музички групи, а потоа ни гостуваа и музички имиња од целата земја. На првиот концерт се собраа средства за семејство кое немаше свој дом, со собраните средства тие си купија плац, а потоа општината и приватни компании им помогнаа да изградат куќа.
Потоа, наредните концерти се собираа средства за сограѓани на кои им требаше помош за лекување или за социјално ранливи категории, и традицијата траеше цели девет години.
Кога требаше да се одржи јубилејниот, десетти концерт, кој го замислив како голем настан, со многу музички гости, па и со снимање на документарен филм за целиот проект, се случи пандемијата со Ковид-19.
Морав да одложам за други времиња.
Се уште не е реализиран јубилејниот концерт, но и тоа ќе биде. Потребна е помасовна организација, повеќе спонзори, имам комплексна замисла која бара повеќе време, средства, вложување. Да сме живи и здрави, и јубилејот ќе се случи. Многу сум благодарен на вашата редакција што се сети на мене и ме побара, оти со тоа, со овие приказни за нашиот Тоше го чуваме живо неговото дело, потсетуваме на неговата големина. Тој не само што беше музичар кој ретко се раѓа, туку пред се човек со најголеми букви – емотивно ни раскажа Тоше.
Вики Клинчарова