Хаотичен викенд во собраниската Комисија за финансирање и буџет. Кога на дневен ред дојде предлогот од Министерството за правда 3.5 милиони евра од Буџетот да бидат пренасочени кон политичките партии, настана вистински хаос. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја блокираа говорницата и излегоа со транспаренти „Парите кај граѓаните“ и „СДСМ профитерска“. Пратениците од Левица пак веднаш пристапија кон филибастеринг и поднесоа 1.000 амандмани на предлог законот. Еден од амандманите гласеше „Кога партиите ќе ги трошат народните пари мора да повторат трипати на глас: Фала народе, фала народе, фала народе“.
Ова можеби би се случило во некој паралелен универзум. Во универзумот наречен „македонска политичка сцена“ во саботата Законот за финансирање на политички партии помина на Комисијата за политички систем со поддршка и од власта и од опозицијата.
Со овој закон партиите си овозможуваат да им се вратат назад парите кои им беа скратени со уредба со законска сила пролетва поради пандемијата. Ова значи дека до 31 декември на партиите ќе им бидат исплатени околу 3,5 милиони евра (разликата што поради пандемијата им беше скратена).
Предлагач на овој закон е Министерството за правда, а потпишан е министерот Бојан Маричиќ, како и премиерот Зоран Заев. Оправдувањето на Маричиќ е дека парите за партиите со овој закон се намалуваат за 30 отсто во споредба со претходните години кога немаше пандемија.
Сепак, намалувањето е само во однос на 2018 и 2019 година. Ако се спореди со 2017 години, со овој Закон народните пари наменети за партиите се зголемуваат за речиси 2,5 милиони евра.
„Фокус“ ја праша СДСМ дали ова поништување на уредбата за кратење на парите за партиите покажува дека таа била само популистички чин. Од владејачката партија не одговорија директно, туку се осврнаа на тоа дека средствата за политичките партии се намалени и за тоа има политички консензус од сите партии освен од една.
-Поради пандемијата со коронавирусот се намали износот за исплата на политичките партии за 2020 и 2021 година. Затоа беа и предложени измени на Законот за финансирање на политичките партии со кои се предвидува намалување на законски дефинираниот процент.
И со последните измени сепак е предвидено намалување за 30% на средствата во споредба со исплатените средства за 2019 година. Против намалувањето на средствата за партиите е само Левица која се противи на тоа повеќе пари да завршуват кај граѓаните, велат од СДСМ.
Левица пак, која користи филибастеринг за да блокира други законски решенија, за овој закон рече дека не гласала „за“.
-Сакаме да ја известиме јавноста дека пратениците на Левица се единствените кои, на вчерашната собраниска седница, не гласаа ЗА измена и дополнување на Законот за финансирање политички партии!, рекоа од Левица.
ВМРО-ДПМНЕ чии пратеници гласаа „за“ се уште молчат. До објавување на текстот не одговорија на прашањата испратени од „Фокус“.
Катерина Смилева Божиновска