Како владината Комисија оцени 549 апликации од граѓански здруженија за 48 часа?

by fokus

Владата додели вкупно 40 грантови во вредност од речиси 500.000 евра на 40 граѓански здруженија и фондации за проекти за справување со корона кризата. Од самиот момент на објавување на повикот доделување средства, се јави сомнеж за неговата транспаретност и начин на спроведување. Повикот беше објавен на 6 јуни (сабота), а крајниот рок за доставување на апликациите беше на 11 јуни до 12 часот напладне. Ова значи дека граѓанските здруженија имале нецели пет дена за да изработат апликација од 10 страници наративен дел и детален буџет на неколку страници.

Откако на 11 јуни повикот беше затворен, Владата веќе на 13 јуни на седница ја усвои одлуката за доделување на грантови на 40 организации. На повикот пристигнале вкупно 549 апликации, што значи дека Комисијата за распределба оценила 549 апликации за нецели два дена од затворање на повикот.

Владата на седницата одржана на 10 јуни донесе решение за именување претседател и членови на Комисијата за распределба на финансиски средства наменети за финансиска поддршка на здруженија и фондации за мерки за справување со КОВИД-19 кризата. Имињата на претседателот и членовите не се објавени.

Од Ранг листата на Комисијата со бодуваните апликации може да се види дека имало седум оценувачи од кои двајца биле од Советот за соработка и развој на граѓанскиот сектор, и по еден претставник од Секретаријатот за европски прашања, Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика и еден претставник од Одделот за НВО.

-Комисијата формираше Оперативно тело од членови на Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор и административни службеници од Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование и наука, Секретаријатот за европски прашања и Генералниот секретаријат – Одделение за соработка со невладини организации. Оперативното тело изврши евалуација на 549 проекти пристигнати во рокот предвиден во Огласот (11.6.2020 година до 12:00 часот) и подготви Предлог-ранг листа.
Врз основа на Предлог-ранг листата и расправата на седницата одржана на 13.6.2020
година, Комисијата утврди Предлог-одлука за распределба на финансиски средства наменети за финансиска поддршка на здруженија и фондации за мерки за справување со КОВИД-19 кризата, со која се предлага доделување на 40 гранта на здруженија и фондации, во вкупна вредност од 29.647.474 денари, се вели во Предлог-одлуката која Комисијата ја достави до Владата и Владата ја усвои.

„Фокус“ испрати прашање до Владата колку време траело бодувањето на 549 пристигнати апликации, но до објавување на текстот нема одговор.

К.С.

Поврзани новости