Вевчанската градежна компанија „Атриум“ во сопственост на семејството на Крсто Мукоски, еден од опозициските пратеници што овозможи двотретинско мнозинство за уставни промени според Преспанскиот договор, наплатила 1,5 милиони евра за тековно одржување на државни објекти по пат на договори со некогашниот ПУИК добиени со дампинг-цени, поради што реагирала Комисијата за јавни набавки и нејзини членови, а за дел од овие тендери е поднесена и кривична пријава, покажува истражувањето на неделникот „Фокус“.
Влатко СТОЈАНОВСКИ
Според податоците што ги обезбедивме согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, во последната деценија АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор со вевчански „Атриум“ склучил рамковни спогодби за тековно одржување вредни 3,3 милиони евра, во чии рамки биле реализирани договори во износ од 1,5 милиони евра.
Притоа, две третини или 1 милион евра од овие реализирани средства се наплатени врз основа на договори склучени во периодот од 2012 до 2016 година, за кој всушност се води предистрага.
Дури 6 години откако Владата побара истрага за договорите за тековно одржување меѓу ПУИК и „Атриум“, Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против поранешниот директор на ПУИК Цветко Грозданов и 9 вработени.
Иако тие, според МВР, и овозможиле на вевчанската фирма незаконски да заработи 725 илјади евра за 4 години (2012-2016), сепак, не се гони никој од фамилијарната компанија на поранешниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, кој беше амнестиран откако ги поддржа уставните промени по Преспанскиот договор?!
„И покрај тоа што знаеле дека понудата на економскиот оператор од Вевчани за најголемиот дел од услугите кои се барале во спецификација содржела невообичаено ниски цени, не побарале писмено објаснување и спровеле постапка за јавна набавка за изведба на градежни, градежно занатски, инсталатерски и други работи за тековно и инвестиционо одржување на станбениот и деловниот простор и други објекти со кои стопанисува АД“, посочија од МВР.
Инаку, во МВР прашавме дали се проверуваа и договорите за тековно одржување што акционерското друштво во државна сопственост и споменатиот правен субјект ги склучиле по 2016 година, со оглед дека за нив нема ниту збор во кривичната?
Од таму нѐ упатија да се обратиме во Обвинителството, од каде што не добивме никаков одговор! Исто така, и од приватната компанија на семејството Мукоски изостана било каква реакција, но се огласи Грозданов.
– Овие јавни набавки се реализирани во целост со потребите на секторот барател. Направена е заштеда на јавни средства. Од кога тоа заштедата на јавни средства е кривично дело? – ни изјави тој и воедно додаде дека станува збор за тенденциозен и правно неиздржан предмет, бидејќи, според него, набавките биле изведени согласно Законот за јавни набавки, кој предвидува дека Комисија врши избор на економски оператор, а тој како генерален директор само го потпишува договорот.
Обемната документација со која располагаме за договорите за тековно одржување склучени меѓу двете страни од 2016 година досега открива дека речиси секогаш кога друштвото ги добивало тендерите, се проблематизирала големата разлика во цени.
Всушност, тоа го констатирала и Комисијата за јавни набавки и нивни членови, кои утврдиле значителни отстапувања меѓу ориентационите и понудените цени.
Поточно, после 4-те договори кои влегуваат во периодот на кој реферира МВР (2012-2016), ПУИК и „Атриум“ склучиле договор во декември 2018 година на сума од 42 милиони денари.
Независно што овој договор опфаќал 6 категории на обврски (1. Земјани, ѕидарски, бетонски и армиранобетонски работи; 2. Столарски, паркетарски, стакларски, керамичарски и терацерски, молерофарбарски, изолатерски работи; 3. Лимарски, покривачки и браварски работи; 4. Вододвод, канализација и санитарија; 5. Електрика и 6. Парногреачки работи), не била спроведена деллива набавка.
Извештајот од спроведената постапка што го поседуваме открива дека 2 компании не ја минале фазата на евалуација. Тоа се „Викторија Градба“ и „Ман Електроник“, кои биле дисквалифкувани, откако Комисијата за јавни набавки оценила дека доставиле нецелосни финансиски понуди.
Ако понудата на првата компанија имала пропусти на сите 6 листи, втората компанија не пополнила правилно во ставката за „полагање на кабел на ѕид“?!
На тој начин, останале 2 компании на електронска аукција, на која „Атриум“ доставил пониска понуда, додека „Конструктор“ останал на првичната понуда.
Ваков епилог следува откако била избрана најповолна понуда од страна на 5-члена Комисија за јавни набавки со тесно мнозинство, при што 3 члена ставиле потпис, а останатите двајца члена, меѓу кои и претседателот на Комисијата, не го сториле тоа и навеле забелешки.
„Видно од спецификациите на понудувачите и доставените ориентациони цени од страна на Секторот за стопанисување, кој е барател на постапката, констатирано е дека прифатливите понуди содржат големи отстапки во однос на ориентационите цени, но и дека многу се разликуваат меѓу себе во поглед на одредени позиции по одржана електронска аукција“, навеле двајца членови на Комисијата.
Понатаму, тие наведуваат и конкретен пример. Имено, за позиција чија ориентациона цена била 350 денари, „Конструктор“ понудил 7.000 денари, а „Атриум“ 3.479 денари; за позиција чија ориентациона цена била 2.080 денари, „Конструктор“ понудил 900 денари, а „Атриум“ 4.348 денари итн.
Затоа, Комисијата за јавни набавки побарала објаснување за оправданоста на цените од Секторот за стопанисување во ПУИК, но тој вопшто не се произнел!
„Особено важно за Комисијата беше произнесувањето во поглед на тоа дали ориентационите цени соодветствуваат со пазарните, а со оглед на фактот дека сите позиции во спецификацијата со цени не содржат количества, односно е наведено „количина 1“. Дотолку повеќе, нејасно е како секторот барател ги одредил ориентационите цени, а со тоа и проценетата вредност на набавката“, забележале двајца од петмината членови на Комисијата за јавни набавки.
Без оглед што тие предупредиле дека не е можно да се изврши споредба меѓу понудените цени и дека е можно да се склучи штетен договор, не била искористена законската можност да се поништи постапката, што може да се стори ако се поднесени „прифатливи понуди кои не може да се споредат поради различниот пристап во техничките или финансиките понуди“.
Па така, со одлука на тројца членови, била избрана понудата на „Атриум“.
Во секој случај, соработката меѓу ПУИК и компанијата продолжила, па двете страни склучиле уште еден договор за тековно одржување во јануари 2022 година. За разлика од претходниот, овој тендер бил поделен на 6 дела, така што првите 5 лота вредни 36 милиони денари ги добил „Атриум“ како носител на конзорциум каде уште членувал „Универзал Балкан“.
Првично, шестиот дел за парногреачки работи бил поништен поради нереални цени, но при повторно спроведена постапка лани во септември, вредна 3,3 милиони денари, пак „победил „Атриум“.
Во извештајот од постапката, покрај останатото, стои дека Комисијата за јавни набавки и овојпат констатирала значителни отстапувања меѓу ориентационите и понудените цени на поединечни позиции, така што овие отстапувања се движеле и до 9 пати.
Во таков случај, Комисијата се обратила до Секторот за стопанисување како барател на набавката, кој минатиот пат не се произнел. Меѓутоа, овој сектор сега решил да се обрати до стручни лица од Секторот за градба.
Од таму навеле дека цените се движат во „некоја граница на пазарни“, со што биле занемарени претходно утврдените „големи отстапувања“, па Комисијата одлучила да даде предлог за избор на најповолната понуда на конзорциумот предводен од „Атриум“ за 5 од 6 дела.
Единствено, како што рековме, исклучок бил шестиот лот за парногреачки работи, но и оваа зделка на крајот на годината ја добил „Атриум“ во посебна постапка.
„Фокус“ располага со барање со назнака ИТНО за произнесување што Комисијата за јавни набавки го испратила до Секторот за стопанисување при ПУИК, кое во суштина претставува детална листа со цени.
Во него, Комисијата го прашува Секторот дали постои оправданост за одделните разлики меѓу понудените и ориентационите цени, имајќи во предвид дека многу позиции имаат „значителни отстапувања“?
Од увидот што го извршивме произлегува дека големи отстапувања има во делот на земјани и ѕидарски работи.
На пример, ориентациона цена за селење била 1.000, а понудена цена била 5.000 денари (500 отсто). За чистење, пак, ориентациона цена била 100, а понудена цена била 400 денари (400 отсто). За асвалтирање, пак, ориентациона цена била 600, а понудена цена била 1.600 денари (266 отсто).
Потоа, за ѕидање оџаци ориентациона цена била 1.560, а понудена цена била 7.500 (480 отсто). За рушење на ѕид, пак, ориентациона цена била 780, а понудена цена била 2.000 денари (256 отсто). За замена на цилиндрична брава, ориентациони цени биле 800 и 1.200 денари, а понудени цени биле 6.500 и 7.500 денари итн.
Вакви примери каде понудената цена е драстично повисока од ориентационата утврдена од договорниот орган има безброј, но има и обратни примери.
Во таа насока, ориентациона цена за штемање на ѕидови била 8.060, а понудена цена била 600 денари. За изработка и поставување на двојно шперована врата ориентациона цена била 10.000, а понудена цена била 1.000 денари. Ориентациона цена за демонтажа на дрвен прозор, пак, била 2.600, а понудена цена била 600 денари…
Уште поеклатантен е примерот за изработка на ПВЦ-влезна врата без стакло, за што ориентациона цена била 39.000, а понудена цена била 10.000 денари. За изработка и монтажа на излог од алуминиум, ориентациона цена била 52.000, а понудена цена била 12.000 денари. Што се однесува за излог од пластика, пак, соодносот бил 32.500 наспроти 10.000 денари.
ГАЛЕРИЈА: Барање за произнесување на Комисијата за јавни набавки до Секторот за стопанисување поради „големи отстапувања“ на цените
Исто така, големи разлики во цени имало и во делот на паркетарски, стакларски, керамичарски, молерофарбарски, изолатерски, лимарски, браварски работи, како и во однос на водовод и електрика.
Сепак, Секторот за стопанисување од Сектотор за градба како задолжен за формирање на ориентациони цени добил уверување дека тие се движат во „некоја граница на пазарни“.
Во таква ситуација, „Атриум“ продолжил да ги добива тендерите за тековно одржување на објектите на ПУИК, иако во слични услови и околности, кои подразбираат нереално и невообичаено високи или ниски цени, во периодот 2012-2016 добивала тендери поради кои кривични заработија ексдиректор и вработени на државната компанија, но не и управителот на приватната компанија.
Меѓутоа, продолжението на нашето истражување покажа дека вевчанската компанија добила уште повредни тендери од ПУИК за изградба на нови објекти на повеќе локации.
Патем, документацијата открива дека „Атриум“ како носител на конзорциум со скопската „Декон-Ком“ во 2019 година го добила тендерот за изградба на објект во Свети Николе од 1,3 милиони евра, додека истите фирми ја добиле и зделката за објект во Виница од 1,1 милиони евра, со тоа што овојпат „Декон-ком“ бил носител, а „Атриум“ член на групацијата.
Дополнително, истиот тандем во 2020 година го добил и тендерот за нов објект во Гевгелија вреден 1,6 милиони евра, така што во еден од конкурентските конзорциуми членувала „ВИА Инженеринг“ на поранешниот вевчански градоначалник Цветомир Угриновски, брат на бизнисменот и сопственик на „ВИА ДОО“ Ѓорѓи Угриновски, кои, пак, му се роднини на Мукоски. Односно, тие се вујковци на Крсто Мукоски и неговиот брат Бобан.
Имено, во оваа тендерска постапка имало уште 3 понудувачи: „Жикол“,„Урбан План Конструктион“ и „Дрво Пром“. Од извештајот од тендерската постапка произлегува дека „Урбан План Конструктион“ била елиминирана, така што евалуацијата ја минале другите 3 компании.
На крајот, прифатена била најниската првична понуда на конзорциумот на „Атриум“, која изнесувала околу 1,5 милион евра, со тоа што целата зделка по 4 анекси достигнала 1,6 милиони евра.
И во овој случај не се одржало негативно наддавање, кое би ја спуштило цената на чинење, туку 3-те компании што ја минале евалуацијата останале на првичните понуди. Од сите нив најниска била онаа на „Атриум“, која точно изнесувала 79.082.420 денари без ДДВ, речиси исто колку и проценетата вредност на набавката.
Арно ама, го поседуваме записникот од отворањето на понудите, каде што може да се види дека елиминираната „Урбан План Конструктион“ имала нешто пониска првична понуда од 79.070.534 денари, која, доколку останела во игра, би влегла како фаворит на евентуално негативно наддавање.
Воедно, „Дрво Пром“ користела поддршка од „Евроградба Инженеринг“ како подизведувач, додека истовремено била носител на конзорциум во кој членувала друга вевчанска компанија – „ВИА Инженеринг“, во сопственост на блиски роднини на Мукоски.
Значи, еден дел од семејството предводел победничка групација, додека друг дел од семејството, условно кажано, се криел во конкурентски конзорциум, кој на крајот воопшто не учествувал на аукција.
Од друга страна, пак, според официјалните податоци, „ВИА Инженеринг“ во 2021 година, како носител на конзорциум со „Спектартермо“, го добила тендерот од ПУИК за изградба на објекти во Дебар тежок 1,3 милиони евра во конкуренција на 3 фирми. Меѓу нив била и „Атриум“!
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.