Стечајната постапка за битолската компанија „СВ-Инвест“, која стана позната во јавноста откако почна да добива тендери од државната компанија за производство на струја АД ЕСМ (поранешен ЕЛЕМ) за работа во РЕК Битола веднаш после политичките промени, е во напредна фаза и се ближи кон конечна завршница, односно кон ликвидација.
Според информациите што ги добивме од стечајниот управник Коле Волчевски, досега банките си ги наплатиле побарувањата, додека во тек е продажба на имотот на друштвото со цел подмирување на долговите кон останатите стечајни доверители, од кој најголем е уште една битолска компанија – „Пелистер“ на бизнисменот Силјан Мицевски.
–Банките разлачно, надвор од стечајната постапка, си наплатија побарувања од 350 милиони денари. Во меѓувреме, се продава имотот на друштвото, се продаде недвижност во Скопје, поточно во Визбегово, а следно треба да се продаде плац на Водно проценет на 40 милиони денари. Со овие средства се сервисира долгот кон „Пелистер“ – вели Волчевски.
Тој додава дека, во меѓувреме, поднесени се тужби кон должниците на „СВ-Инвест“, чија вкупна вредност изнесува 600 милиони денари. Во однос на овие предмети, според него, правосилни пресуди веќе има за половина од нив, кои, како што посочува, ќе се наплаќаат во извршни постапки од правните субјекти-должници.
–Доколку, под поретпоставка, се наплатат сите 600 милиони денари, тоа ќе биде доволно за подмирување на околу 60 отсто од обврските кон стечајните доверители. Сепак, треба да се има во предвид дека станува збор за жив и непревредливлив процес, бидејќи не се знае дали и колку средства имаат овие должници итн. – објаснува Волчевски.
Според него, појасна ќе биде сликата по заклучувањето на стечајната постапка, што треба да се случи после етапата на наплата на побарувања. Во секој случај, како што истакнува, за компанијата нема спас, бидејќи уште на почетното извештајно рочиште е одлучено дека нема услови за реорганизација и дека ќе оди кон ликвидација.
Инаку, неделникот Фокус пишуваше за овој случај уште во времето кога беше отворена стечајната постапка кон средината на ланската 2021 година, што пак следуваше веднаш откако друштвото заработи негативна референца или забрана за учество на тендерски постапки, бидејќи не беше во можност да обезбеди банкарска гаранција за тендер добиен токму од ЕСМ/ЕЛЕМ.
–Отварањето на стечајна постапка не значи и нужно ликвидирање на друштвото, туку, согласно Законот за стечај, предвидена е и можност за предлагање и усвојување на план за реорганизација – ни изјави тогаш сопственикот на „СВ Инвест“ Стојан Чифлигароски, додавајќи дека „СВ Инвест“ има обврски кон добавувачи и банки од 971 милиони денари, но истовремено има побарувања од купувачи во износ од 661 милиони денари.
Според податоците од Бирото за јавни набавки, за тригодишниот период од 2018 година до лани, оваа компанија склучила 30 договори за јавна набавка во вкупна вредност од над 388 милиони денари или 6,3 милиони евра, при што најмногу и најголеми договори биле склучени за работа во „РЕК Битола. За цел овој период, опозицијата ја обвинуваше компанијата дека е блиска до власта.
Влатко Стојановски