Како таткото на Арсовска озаконил дивоградби?

Ванчо Јовановски, татко на градоначалничката Данела Арсовска, значаен дел од имотот го легализирал според Законот за легализација на бесправно изградени објекти, што значи дека претходно овие објекти билe дивоградби.

by Fokus

Дел од недвижниот имот што го поседува Ванчо Јовановски, татко на скопската градоначалничка Данела Арсовска, е легализиран согласно Законот за легализација на бесправно изградени објекти, што значи дека претходно овие објекти биле дивоградби, односно биле изградени без соодветна урбанистичко-техничка документација, открива документацијата што ја поседува Фокус.

Како што објавивме во последниот број на неделникот, Јовановски, кој порано бил државен службеник во Министерството за внатрешни работи, а денес поседува приватни компании во чии структури порано била неговата ќерка Арсовска, поседува недвижен имот од над 3.500 квадратни метри.

Имено, имотните листови што ги добивме од Катастарот на недвижности покажуваат дека тој, меѓу останатото, преку ИЛ со број 44553 полага сопственичко право врз станбена површина од над 600 квадрати (без помошни и подрумски простории) во 3 различни објекти наведени како згради.

Пртитоа, во делот за основ на стекнување на овој имот не се наведува дека е добиен како подарок или наследство, ниту дека е купен, туку стои дека два објекти и дел од третиот објект (згради) стекнале правен статус согласно Законот за постапка за бесправно изградени објекти во текот на 2012 година, во постапка што се водела во Општина Карпош.

Исто така, тој е сопственик и на недвижен имот од 534 квадрати преку ИЛ со број 30005, во кој се наведува дека основот на стекнување на сопственичкото право е решение за утврдување на правен статус на бесправен објект од 2013 година, како и решение за приватизација на градежно земјиште од 2012 година.

Воедно, како што веќе напишавме, Јовановски поседува и куќа со двор од 719 квадратни метри, и стан со површина од 115 квадратни метри и друг недвижен имот.

Инаку, тој своевремено бил инспектор во МВР, а денес поседува компании каде претходно сопственик или управител била неговата ќерка – актуелната скопска градоначалничка Арсовска.

Според документите од Централниот регистар, Јовановски на негово име поседува четири компании, од кои една е правно неактивна. Потоа, една компанија поседува неговата сопруга Марика Јовановска, додека уште една фирма поседува нивниот син.

Целиот текст може да го прочитирате во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Ирена МУЛАЧКА

Поврзани новости