Скандалите во македонското судство не престануваат. Додека јавноста се занимава со предмети со кои во последниот период секојдневно се спасуваат „големите риби“, во помалите места пак се случуваат низа незаконски дејствија пред очите на сите.
Не можејќи повеќе да ги трпат неправдите, граѓани и дел од адвокатите решија да се обратат до редакцијата на „Фокус“ и да ги споделат проблемите со кои се соочуваат во Основниот суд во Делчево.
Имено, Фокус пред една година пишуваше дека во Основниот суд Делчево се води интерна борба за вработување на конкретно една кандидатка како стручен соработник. Според нашите информации, истата била вработена три последователни години од 2022 до 2024 година со договор на дело во истиот суд во време кога власта беше во рацете на друга партија. Со промената на власта и завршувањето на нејзиниот договор на определено време, на 31 декември 2024 година, за истата кандидатка се бара начин – како таа да влезе како стручен соработник во делчевскиот Основен суд?
Во изминатите неколку години на судовите ширум државава им фали кадар. Но, вистински атрактивно работно место во еден суд е – стручен соработник. Атрактивно е бидејки платите се околу 50 илјади денари, а на тоа и секој месец Судски совет дава додаток од околу 10 %, што би значело плата од над 55 илјади денари.
„Фокус“ дознава дека во добар дел од помалите градови, во изминатите неколку години, со договор на дело, постојано биле ангажирани стручни соработници кои претходно биле адвокати. Од кога ќе им поминел договорот на извесен период, пак се враќале во адвокатура. За тоа кој кандидат ќе биде избран на определено работно време, по оглас в судот, одлучуваат претседателите на судовите, по тридневен оглас, временски период во кој понекогаш е невозможно да се разбере дека огласот е објавен, а камоли да се соберат документи за истиот и да се аплицира навремено. Затоа речиси секогаш влегуваат „блиските“ на некој од судот. Но, што по завршувањето на временскиот период за кој се вработени ?
Истите се враќаат на адвокатура, и од таа позиција се обидуваат да издејствуваат повторно да бидат вработени во судот. Но се поставува прашањето, дали ваквите, повремено адвокати, повремено стручни соработници, не ја злоупотребуваат својата работна позиција додека се во судовите за лично ним или за нивните работодавци да си закажуваат рочишта што поскоро, да влијаат врз одлуките на судот во корист на нивни предмети, да влијаат во поглед на извршувањето на судските одлуки, па дури и во приоритетот на достава на самите одлуки. Ваквата пракса остава огромен сомнеж за функционирањето на судовите, особено што во борбата за државно работно место, не ретко овие адвокати – стручни соработници, и додека се адвокати, се појавуваат во судовите после пауза за да сработат за судиите она што е потребно со цел да си ја чуваат фотелјата.
БОРБА ЗА ВРАБОТУВАЊЕ
За ваквиот случај веќе објавивме дека двајцата судии во Основниот суд Делчево инсистираат конкретната кандидатка да влезе на работа во судот под изговор дека само таа на локално ниво е компетентна за ова работно место.
Во јануари, 2025 година на сите вработени во судовите им биле прекинати договорите на определено време. Министерството за финансии дало дозвола за вработувања на определено време во судовите од 1 февруари 2025 година до 31 март 2025 година. Во тој период кој ќе биде вработен одлучува секој претседател на судот, со кој управува. Па така, делчевскиот претседател одлучил токму оваа кандидатка, која претходно пред да се запише на Академијата за судии и јавни обвинители повеќе од 15 години била стручен соработник во истиот суд. Но, тоа што е страшно, е што и по 31 март, 2025 година упорно се води битка, истата кандидатка по секоја цена да влезе да работи во судот.
Дел од адвокатите, кои реагираа до нашата редакција тврдат дека оваа кандидатка за целиот овој период оди на работа во Основниот суд во Делчево и незаконски има увид и работи на предмети. Во меѓувреме, истата е осигурана и вработена кај адвокат и застапува предмети во суд, а истата е и избран поротник од страна на Судски совет која како судија – поротник решава за предмети во Основниот суд Делчево. Односно, истата може да работи, решава и да одлучува за предмети каде што правен застапник е адвокатот каде истата е и вработена, што апсолутно е противзаконито и има судир на интереси. Тоа што е уште пострашно е дека истата која е планирана за тоа работно место доаѓа тајно на работа, изнесува предмети од судот што е незаконски и ги пишува дома. Кој ќе сноси одговорност за ваквите случувања во Делчевскиот суд?
Откако „Фокус“ лани објави, оваа пракса извесен период беше прекината, поради можни реакции и отварање на постапки. Но, она што е интересно е каква е сегашната ситуација, со оглед на тоа дека се најавени нови вработувања во судството, за кои во неколку јавни настапи нагласи и премиерот Христијан Мицкоски. Имено, Делчевскиот суд по основ на пензионирања, доброволни откази, а и поради низа смртни случаи, има потреба од кадар на секоја работна позиција, но не и на стручен соработник бидејки таков веќе има вработено во судот.
Исто така, во меѓувреме низ правната фела во Делчево од страна на судиите упорно се нагласува дека за да се вработи стручен соработник во суд е потребно над 10 годишно работно искуство ( што апсолутно не е точно ) искуство кое посочената кандидатка го има, но други потенцијални кандидати можеби го немаат, со цел кога ќе дојде моментот да се објави оглас за ова работно место, да нема конкуренција и на тој начин истата да влезе на работа.
Остануваат отворени прашањата – што планираат да преземат надлежните институции по овие незаконски дејствија, вклучувајќи ги и Адвокатската комора и Судскиот совет, со оглед дека една иста личност се појавува во овој суд и како судија поротник, и како адвокат и како се уште невработен стручен соработник ?
Нашите извори тврдат дека во Основиот суд Делчево има низа на скандалозни одлуки особено во постапувања по предмети од имотно – правен карактер, со постојани игри кои вклучуваат незаконски изземања на судии, незаконски дејствија во увиди на лице место и незаконски одлуки.
„Фокус“ испрати неколку прашања на официјалниот маил на Основниот суд во Делчево:
Но, до објавувањето на текстот од таму не добивме повратни одговори.
Ирена МУЛАЧКА