Адвокатка, што сака да биде стручна соработничка, без решение веќе ,,работи” во судот во Делчево и има неовластен пристап до судски предмети

by valentina 14:22
14:22

Кога ќе се спомене судство, речиси сите очи се вперени во Кривичниот суд во Скопје. Асоцијацијата е оправдана, бидејќи станува збор за најголемиот суд во државата, каде што се судат најголемиот дел од предметите, но и оние т.н. високо профилирани случаи, кои се од најголем јавен интерес.

Останатите судови се растеретени од будното око на јавноста, па со чест на исклучоци, не е реткост да се случат незаконски дејствија, и тоа во институции кои стриктно треба да го почитуваат словото на законот.

Извори на ,,Фокус” во изминатиот период алармираа дека токму во судот во Делчево, пред очите на сите странки, се случуваат незаконити дејствија. Поточно, нашиот доброупатен соговорник појаснува дека во судот увид во предметите имаат две поранешни стручни соработнички, кои иако со месеци не се формално вработени во судот, сепак одат на работа?!

Нашиот соговорник појаснува дека двете стручни соработнички, со договор на дело, биле ангажирани од 2022 до крајот на 2024 година. Едната, на почетокот од 2025 година формално се враќа на работа во адвокатска кацеларија во која работела, односно таму е осигурана, но секој ден се појавува на работа во судот, наместо да се посвети на адвокатурата.

-Истата личност, од јануари 2025 година, иако не е вработена во судот доаѓа на помагање, како да станува збор за приватна фирма, а не суд. Ова значи дека неовластено работи во АКМИС системот, а е осигурана кај адвокат, за да нема прекин во стажот. Во февруари до март повторно се ангажираат две стручни соработнички, при што влегуваат споменатата стручна и уште една. На втората, поради немање на партиска согласност и го кинат решението и на нејзино место влегува друга адвокатка. Како и да е, од април годинава и двете се без договор, вели нашиот соговорник.

Но, како што појаснува, и по прекинување на договорот, првата стручна и понатаму доаѓа на работа во судот.

-Јавна тајна е дека таа неовластено работи во судот и гледа предмети. Тоа го знаат сите вработени во судот. Прашање е дали скандалот им е познат и на вработените во Обвинителатвото, кои се сместени во истата зграда?
Во меѓувреме оваа ,,стручна” менува партии за да стане партиски подобна, а и од судот се навива за неа, односно се прават притисоци дека им е неопходна за работа, вели нашиот извор.

Од друга страна предупредува дека постои директен судир на интереси, бидејќи во судот се постапува по предмети во кои странка е и адвокатската канцеларија каде што таа формално е вработена.

-На крајот на краиштата, во судот има вработен стручен соработник, но тој добива сосема други работни обврски, вели нашиот соговорник.

За сите овие обвинувања побаравме став од претседателот на делчевскиот суд Миле Ѓоргиев, но тој веќе неколку дена не одговара на нашите прашања. А тие се:

,,Редакцијата на ,,Фокус” има информација дека во судот во Делчево, како стручни соработнички се ангажирани две жени, кои немаат формален статус на вработени, бидејќи договорите им се истечени. Зошто овие жени се уште доаѓаат во судот, кој е нивниот статус, бидејќи за едната имаме информација дека е вработена кај адвокат, но и дека некогаш изнесува предмети од судот, за да ги работи дома или во канцеларија. Зошто се дозволува на луѓе кои не се вработени во судот да имаат контакт со предмети?

Но наместо одговор, добивме само молк.

На листата објавена на сајтот на судот на Делчево, спорната стручна соработничка, чиј идентитет е познат на ,,Фокус”, воопшто не фигурира како вработена.

Валентина Вурмо

Слични вести