„DPA“ („Deutche Presse Agentuur“)
Гласачите во Северна Македонија избираат нов парламент и одлучуваат за нивниот следен претседател. Последните анкети укажуваат на можна промена на власта во балканската нација. Се очекува националистичката опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ да победи на парламентарните избори и да ја предводи следната владина коалиција. Партијата очекува и добри вести во вториот круг од гласањето за претседателската функција.
Актуелниот претседател Стево Пендаровски (61), кој е поддржан од актуелните владејачки социјалдемократи (СДСМ), беше втор во првиот круг пред две недели.
Предизвикувачот Гордана Силјановска-Давкова (70) од ВМРО-ДПМНЕ доби двојно повеќе гласови од Пендаровски.
За време на предизборната кампања, националистите најавија дека доколку победат ќе водат поконфронтациски курс против соседните Грција и Бугарија.
„Reuters“
Избирачките места во Северна Македонија беа отворени денеска за парламентарните и за претседателските избори на кои се очекува десничарската опозиција да добие предност против владејачката партија која не успеа да ги подобри преговорите за влез во ЕУ и да ја елиминира корупцијата.
Не се објавени анкети пред гласањето, но посилните резултати од очекуваното на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ во првиот круг од претседателските избори минатиот месец укажуваат на тоа дека гласачите се фрустрирани од владејачките социјалдемократи. Некои од оние што гласаа рекоа дека сакаат влада способна да внесува инвестиции и да ја искорени корупцијата. Љубљанскиот Меѓународен институт за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС) наведе дека победата на ВМРО-ДПМНЕ може да ги комплицира понатамошните разговори со ЕУ, со оглед на нивното противење на договорите со Грција и Бугарија.
„Аl Jazeera“
Во Северна Македонија излегуваат на гласање за парламентарни и претседателски избори кои можат да претставуваат тест за амбициите на балканската држава за Европската унија.
Гласањето денеска доаѓа откако Гордана Силјановска-Давкова од десничарската ВМРО-ДПМНЕ убедливо поведе во првиот круг од претседателските избори одржани минатиот месец. Победата на националистичката партија ќе ја постави сцената за тензии со соседните Грција и Бугарија, заканувајќи се да ги оптоварува веќе бавните разговори за пристап во ЕУ. Сепак, левичарската партија, која моментално ја води владата и може да се пофали со претседателската функција, се бори да ја врати иницијативата по тешката загуба во првиот круг во претседателските избори, при што популистичката агенда на Мицкоски се покажа моќна.
„AP“ („Associated Press“)
Гласачите во Северна Македонија гласаа денеска на парламентарните избори и на вториот круг од претседателските избори во кои доминираа прашања како што се патот на земјата кон членство во Европската унија, корупцијата и економијата.
Првиот круг од изборите за претседател, главно церемонијална функција, се сметаше за барометар за парламентарното гласање. Тоа и даде јасно водство на Гордана Силјановска-Давкова, кандидатот поддржан од десниот центар, пред актуелниот претседател Стево Пендаровски, кој е поддржан од владината левичарска коалиција. Патот на Северна Македонија кон ЕУ е блокиран од соседна Бугарија, која бара да се измени Уставот за да се признае бугарското малцинство. И додека левиот центар се согласи со барањето, ВМРО-ДПМНЕ го осуди владиниот „капитулантски бугарски диктат. Нешто повеќе од 3.500 луѓе од речсии 1,84 милиони се идентификувале како Бугари на последниот попис во Северна Македонија, во 2021 година.
„AFP“
Се чини дека Северна Македонија е вo судир со нејзините соседи во ЕУ, Грција и Бугарија, со двоjните избори денееска на кои најверојатно, ќе ја вратат на власт десничарската опозиција во земјата. Гласањето може да има голем ефект врз сонот на балканската земја за пристапување во Европската унија. Откако постигна убедлива победа во првиот круг од претседателските избори минатиот месец, националистичката партија ВМРО-ДПМНЕ преполни со доверба се упатија кон вториот круг гласање и на парламентарни избори.
„Washingtоn post“
Во Северна Македонија се одржуваат избори на кои доминира патот на земјата кон членство во ЕУ и борбата со корупцијата. Преговорите за членство во ЕУ со Северна Македонија – и со другата кандидатка Албанија – започнаа во 2022 година и се очекува процесот да трае со години.
Корупцијата е другото жешко прашање, при што извештајот на Европската комисија минатата година вели дека таа „останува распространета во многу области“ во Северна Македонија. Во декември, американската амбасадорка Ангела Агелер рече дека има „епидемија на корупција во оваа земја што го погоди секој сектор, секоја организација и само со разоткривање на корумпираните актери можеме да почнеме да и помагаме на земјата да ги реши овие прашања“.
„DW“
На опасност предупредува Улф Брунбауер, научен директор на Лајбниц Институтот за Источна и Југоисточна Европа во Регенсбург, Германија, кој смета дека исходот од изборите во Северна Македонија ќе биде „доказ за геополитичкото слепило на ЕУ“, алудирајќи на фактот дека и по 20 години откако стана кандидат, државата уште формално не ги започнала преговорите за полноправно членство во ЕУ.
„За ЕУ, оваа прогноза е засрамувачка“, напиша Брунбауер во коментарот. „Постои закана од обновување на етничките конфликти, уште една земја од Западен Балкан може да се сврти кон исток, додека Брисел целосно го загуби својот кредибилитет како фактор на стабилноста во тој регион исполнет со тензии. Според се, очигледно актерите во ЕУ се уште не ја разбрале експлозивната геополитичка динамика на Балканот“, заклучува германскиот експерт.