Во тригодишниот период од воведувањето на мораторимуот за градење во Општина Центар на крајот на 2017 година до последната одлука на Уставниот суд за замрзнување на ваквата одлука, локалната самоуправа предводена од градоначалникот Саша Богдановиќ издала вкупно 54 одобренија за градба и 4 одобренија за доградба во рамки на отпочнати постапки пред воведувањето на забраната, меѓутоа некои од нив завршиле откако забраната веќе била активна, пишува неделникот Фокус.
Еден од објектите што почна да се гради за време на мораториумот е катната гаража со деловен простор во непосредна близина на зградата на „Нова Македонија“, чиј инвеститор ја почнал постапката за обезбедување на одобрение за градба пред да стапи на сила забраната за градење. Арно ама, според официјалните информации до кои дојдовме, одобрението станало правосилно по донесување на забраната.
Како сопственик на земјиштето и инвеститор на објектот се јавува стопанската заедница на транспортери „Америт“, која го купи градежното земјиште на јавна лицитација спроведена од Министерството за транспорт и врски во 2015 година. Веќе во октомври 2016 година, „Америт“ поднесе барање за одобрение за градење на објект со намена Е2-катна гаража, кое било издадено во јуни 2017 година.
Фактички, барањето за одобрение е поднесено и издадено пред Советот на Општина Центар, на самиот истек на 2017 година, да ја донесе одлуката за запирање на спроведување на Деталните урбанистички планови, вклучително и на ДУП-от „Буњаковец 1“, каде е лоцирана споменатата катна гаража на „Америт“.
Сепак, одобрението за градење станало правосилно на 30-ти април 2018 година, или 4 месеци откако веќе е на сила мораториумот, кој трае до крајот на минатата 2020 година, кога Уставниот суд по вторпат ја замрзнува оваа одлука се до утврдување на нејзината уставност и законитост.
Инаку, овој објект се гради според проект на „Ортодокс Студио Дизајн“, која уште врши надзор на изведбата. Изведувач на градбата, пак, е градежната компанија „Велковски“, од каде ни изјавија дека објектот е во фаза на привршување на градежните занаетчиски работи и тој се планира да биде завршен во текот на оваа 2021 година.
–Изборот како изведувач е по пат на поднесена и прифатена понуда за завршни занатски работи – ни одговорија од градежната компанија-изведувач, од каде за дополнителни информации од типот дали се ангажирани подизведувачи и кои се тие не упатија да се обратиме до инвеститорот.
Сепак, ниту од „Америт“ не откриваат детали во врска со постапката за избор на изведувач и со подизведувачите, а не добивме ни одговор на прашањето колкава е вкупната внатрешна површина на објектот и колкав дел ќе биде деловен простор?
–Објектот е составен од деловен простот и простор за паркирање на моторни возила. За сите други дополнителни информации околу овој проект јавноста ќе биде запознаена и информирана заедно со поканата за јавно промовирање и отварање на катаната гаража, соодветно ќе биде доставена до медиумите во државата – велат од „Америт“.
Всушност, објектот почнува да се гради во време кога нов управител на „Америт“ станува струмичкиот бизнисмен Лефтер Андонов, кој пред да дојде на оваа позиција ги поседуваше компаниите од групацијата „Тритерол“. Според Централниот регистар, денес сопственик на овие фирми е Наце Николов, а една од нив поседува и Љупчо Пецов – Ѓаволот, своевремено осуден за малверзации при трговија со нафта.
Откако Андонов се префрли во „Америт“, се зголеми и долгот на друштвото, со оглед дека тоа, според финансиските извештаи, во 2018 година оствари загуба од 68 милиони денари, или двојно повеќе во споредба со претходната 2017 година. Воедно, „Америт“ се јавува и на листата на должници на Управата за јавни приходи.
Целата сторија прочитајте ја во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.
Влатко Стојановски