Со 25 гласа „за“, ниту еден „против“ и четири „воздржани“, општинските советници во Благоевград, соседна Бугарија донесоа одлука да не се дозволи отворање на македонски културен клуб ,,Никола Вапцаров” на територијата на нивната општина.
Според објавеното Решение, тие се категорично против отворање на клубот, за кој сметаат дека е антибугарска провокација.
-За нас е неоспорен историски факт дека македонската нација е вештачки создадена од Коминтерната во 1934 година, дека нејзината единствена причина за постоење била да им служи на интересите на болшевичката партија и на Советскиот Сојуз и за целите на туѓа држава!
Историски факт е дека до крајот на Втората светска војна термин како „македонска нација“ не се среќава во ниту еден бугарски историски извор, па ни во оние од поранешна Југославија! Терминот се појави со создавањето на Социјалистичка Република Македонија во границите на поранешна Југославија и како резултат на насилното наметнување на политиката на „културна автономија“ во Пиринско!- наведено е на општинската страница на Благоевград.
Понатаму, во објавениот текст, од општинскиот Совет на Благоевград пишуваат дека ако некоја група на граѓани која се дефинира како малцинство, се чувствува угнетено, треба да се обрати до судските органи и да побара правна заштита според бугарското и европското законодавство.
-Уште повеќе, за нас како БУГАРИ и жители на ПИРИНСКА МАКЕДОНИЈА е крајно голема навреда и провокација еден голем бугарски поет, каков што е Никола Јонков Вапцаров, да наметнува туѓа национална самосвест!
Сметаме дека сите дејствија за создавање на организација во која група луѓе се дефинираат како „малцинство“ во рамките на нашата национална држава се грубо кршење на Уставот и законите во Република Бугарија и се водени од нашето верување дека Бугарија има владеење на правото, ние веруваме дека ако бугарските граѓани се чувствуваат „угнетено“ и нивните етнички граѓански права се повредени, тие треба да се обратат до судските органи и да побараат правна заштита, и според бугарското и европското законодавство!
Исто така, сметаме дека со ваквите провокативни дејствија, Договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Северна Македонија е грубо прекршен, сите досегашни напори за подобрување на нашите односи со Република Северна Македонија се погазени и нејзиниот пат кон европска интеграција и членство во Европската унија е попречена!- пишува во објавеното Решение на страницата на Општина Благоевград.
Вики Клинчарова