Владејачката ВМРО-ДПМНЕ на чело со премиерот Христијан Мицкоски, додека беше во опозиција жестоко ја критикуваше тогашната влада предводена од СДСМ на многу полиња, вклучително и во делот на безбедноста и гонењето на криминалот и корупцијата. Во таа насока, вмровските претставници го обвинуваа тогашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски дека тој и тогашното раководство на МВР, наместо да го гонат криминалот, шурувале со криминалците.
Сепак, откако ВМРО-ДПМНЕ победи на парламентарните избори и ја презеде власта, советник на новиот министер за внатрешни работи од оваа партија – Панче Тошковски, кој претходно беше технички министер во пржинската влада, стана близок соработник токму на Спасовски, кој, патем речено, имал надлежност во процесот на издавање на лични документи, за што, исто така, тогашната опозиција и цело општество негодуваа поради гужвите и застојот.
Станува збор за Марјан Здравковски, кој во времето на Спасовски беше помошник-министер за информатика и телекомуникации, додека по доаѓањето на Тошковски на министерската функција стана негов советник за истата проблематика. Покрај тоа, треба да се посочи дека Здравковски е и во роднинска врска со Моника Зајкова, претседателка на ЛДП, каде периодов се случуваат одредени внатрепартиски превирања и турбуленции.
Како што веќе пишуваше „Фокус“, ЛДП долги години беше стабилен партнер на СДСМ, а Зајкова на парламентарните избори беше коносител на пратеничката листа во првата изборна единица, веднаш зад Димитар Ковачевски. Меѓутоа, таа периодов е под напад на сопартијци дека ја доближува ЛДП до ВМРО-ДПМНЕ, а самата вели дека ќе „соработува“ за одредени решенија блиски со либералдемократските идеи и принципи.
Зајкова и Тачи ќе му обезбедат двотретинско мнозинство на Мицкоски, за да не чека помош од Ахмети ако има потреба од 80?!
Веднаш по изборите, Зајкова не се појави на прес-конференцијата на Ковачевски, а оттогаш не се појавила ниту на еден од пресовите што во собранието ги држи актуелниот лидер на СДСМ Венко Филипче, иако, според партиски извори од СДСМ, учествува на координации. Во периодот по изборите и пред изборот на новата влада, Зајкова даде начелна поддршка на законските измени за реорганизација на министерствата, но не гласаше во парламентот.
Во тој период, партијата беше фокусирана на прегласувањето на некои места во петтата изборна единица. Меѓутоа, исходот од прегласувањето не му овозможи на генералниот секретар на ЛДП Боби Мојсоски да влезе во собранието на сметка на пратеник на ДУИ. Па така, либералдемократите останаа со еден пратеник, односно само со Зајкова, која вели дека ЛДП ќе функционира самостојно и независно, како што впрочем функционирала секогаш.
–И во минатиот парламентарен состав ЛДП делуваше независно, бранејки ја својата либералмдемократска политика и идеја. ЛЛД не кокетира со власта, туку, како и сите други партии, се стреми да биде власт, а не да биде кокета. Имаме одлични идеи и предлози, тоа се виде и во програмата „Има излез“ усвоена во 2011 година, за сега да се најдат решенија од таа програма во други партиски програми, па дури и во државните политики. Тоа не е грев, но заради тоа ЛДП ќе соработува овие идеи да бидат имплементирани, зашто се добри за граѓаните.
Единствено, криво ми е што ЛДП не се наметнала да ги испромовира тие идеи подобро, но ќе дадеме можност и ќе соработуваме за тие да станат во целост имплементирани. Но, не само да бидеме обичен соработник или само да сме дел од власта. Туку, да бидеме препознаени како партија која работи на решенија за граѓаните и добробит на државата. Голем дел од решенијата „Има излез“ се во државната програма на владата – рече Зајкова во интервју на МТВ.
На овој начин, Зајкова го релативизира независното делување, велејќи дека ЛДП така делувала секогаш. Во една друга прилика, таа рече дека ЛДП гласала различно од СДСМ за прогресивниот данок и за измените на Кривичниот законик, но, покрај ваките ретки изблици на различно позиционирање, ЛДП со години важеше за еден од најблиските партнери на СДСМ. Сега, пак, наративот оди во правец дека партијата ќе „соработува“, бидејќи многу нивни решенија има во програмата на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Всушност, Зајкова беше дел од предизборната коалиција на СДСМ чија главна порака беше дека тие се фронтот за Европа, додека спротивниот табор на ВМРО-ДПМНЕ го блокира евроинтеграцискиот процес. Но, по изборите лидерката на ЛДП зазеде позитивен став кон предлогот за уставни измени со одложено дејство, што практично претставува позиција на ВМРО-ДПМНЕ. Одговарајќи на прашањето како дојде до тоа, таа во интервју на Сител рече:
„Точно е, ние бевме дел од блокот за ЕУ, зашто другата страна имаше сосема поинаков наратив, и добро е што сега наративите ги доближуваме. Здраво е за државата да имаме блиски наративи и единство за европската интеграција. Мислам дека на сите ни е доволно да играме пинг-понг и понудив решение како може да дојдеме до консензус. Не сме ја смениле позицијата, ние сме за качување на брзиот воз кон ЕУ и оттука предлагаме дека уставните измени може да се спроведат, но во онаа трета фаза уставниот закон може согласно широка интерпреација на заклучоците усвоени од Советот, да се оди на ставање на одредба за одложено дејство“.
Инаку, неделникот „Фокус“ неодамна пишуваше за советниците на министерот Тошковски, па на листата што ни ја доставија од МВР се најде и името на Здравковски, поранешен соработник на Спасовски и роднина на Зајкова. По објавувањето на текстот, „Фокус“ побара коментар од Зајкова дали именувањето на Здравковски од ЛДП за советник на Тошковски од ВМРО-ДПМНЕ значи дека двете партии се во неофицијална коалиција, но никогаш не добивме одговор. Висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, пак, неофицијално ни изјави дека немаат официјален договор ниту со Зајкова ниту со Мендух Тачи, но, како што нагласува, тука се и двајцата – се нудат!
Сега, пак, го прашавме Тошковски како и поради кои причини одлучил да го избере Здравковски за советник и кои негови референци и квалификации ги ценел при носење на таква одлука? Со оглед дека и тој и ВМРО-ДПМНЕ како партија го обвинуваа Спасовски и тогашното раководство на МВР за негонење на криминалот, па дури и за поврзаност со криминалците, како тогаш одлучил негов близок соработник да назначи за советник?
Дополнително, прашавме како донел таква одлука ако се има во предвид и фактот што Здравковски имаше надлежност во рамки на процесот на издавањето на лични документи, а добро е познато е што се случи со издавањето на пасоши и други документи? На крајот, прашавме директно дали ова кадровско решение се базира исклучиво на објективност, или пак можеби одлуката има политичка позадина, бидејќи Здравковски е дел од ЛДП и воедно е во роднинска врска со претседателката Зајкова?
„Предметното лице е дел од Министерството за внатрешни работи повеќе од 20 години и има завршено електротехнички факултет. Распоредувањето на конкретното работно место е направено согласно неговото образование и долгогодишно искуство, притоа водејќи сметка за нивото од кое е распореден.
Лицето продолжува да работи во областа на информатиката и телекомуникациите, со цел обезбедување континуитет на одредени стратешки започнати процеси од значење за функционирањето на Министерството. Напоменуваме дека ова распоредување нема никаква политичка позадина, туку е базирано исклучиво на стручноста и потребите на институцијата“, гласи одговорот што го добивме од МВР.
Влатко СТОЈАНОВСКИ