Снимката која во вестите ја објави Сител телевизија, на која разговараат Љубе Бошкоски и заштитениот сведок од акцијата „Кампања“ постои сомневање, дека е направена како дел од Посебни Истражни Мерки (ПИМ).
Додека се водеше случајот „Кампања“ вакви снимки воопшто не беа презентирани, бидејќи ПИ-мерки не смеат да се презентираат во јавност. Тие се достапни само во судница за обвинетите и нивните бранители.
Како ваквата снимка се појави на Ју-тјуб е нејасно, ако се знае, дека снимки од ПИМ може да имаат единствено во судот и во полицијата. Нејасно е и зошто на снимката стои датум 11 април 2012, кога Бошкоски беше уапсен една година порано?!
Ваквата снимка по правило треба да се уништи одреден период по правосилноста на пресудата.
„Се што прибавено со ПИ-Мерки е тајна. Вистинското прашање е од каде овие снимки стигнале на интернет“, велат адвокатите кои ги консултираше Фокус.
Сега судот треба да одговори дали оваа снимка е дел од доказниот материјал во „Кампања“ и дали ќе побара истрага, на кој начин таа дојде до јавноста?
Фокус праша во основниот суд 1 дали објавената снимка е дел од доказниот материјал од случајот „Кампања“ обезбеден со ПИ мерки и дали доколку е, оној што го објавува ќе сноси кривична одговорност со оглед дека ваквите снимки се тајни. Го добивме следниот одговор:
„Судот нема да коментира изведени заклучоци за постоење или непостоење на претпоставено кривично дело. За кривични дела кои се гонат по службена должност надлежно е ЈО и таму треба да се постават овие прашања. До сега до судот не било поднесено никакво барање или обвинение во врска со наведеното“велат од основниот суд Скопје 1.
Во меѓувреме Фокус побара одговор и од обинителството, но се уште чекаме на одговорот.