Како скопски „Бетон“ на Јорданов дотера до стечај?

Градежната компанија направила план за санација на загубите, но прво обвинителството носи одлука за замрзнување на имотот, потоа државни институции ги раскинуваат договорите, а на крајот и кредиторите активираат хипотеки, што ја доведе фирмата во неможност да ги сервисира обврските, вклучително и за плати кон вработените.

by Фокус

Градежната компанија „Бетон Скопје“, поврзана со бизнисменот Минчо Јорданов, ја известило Македонска берза дека скопскиот основен граѓански суд на почетокот на месецов донел одлука за поведување на претстечајна постапка за друштвото.

Според Законот за стечај, со решението за поведување на претходна постапка, стечајниот судија го определува и датумот за одржување на рочиштето за испитување на условите за отворање на стечајна постапка, која настанува кога друштвото не е способно да ги сервисира обврските.

Уште кон крајот на август, скопски „Бетон“ е внесен на таканаречената на Листа за набљудување, која всушност се прави за обрнување на внимание на инвеститорската јавност за определени актуелни состојби поврзани со конкретни издавачи на хартии од вредност.

Првично, компанијата влезе на оваа „црна листа“ откако беше блокирана нејзината сметка, додека сега има причина плус да ја зацврсти позицијата на листата, со оглед дека за неа е поведена претстечајна постапка, како фаза кон стечај, кој може да заврши со реорганизација или ликвидација на фирмата.

Веќе подолг период, „Бетон“ се соочува со потешкотии во работењето. Како што наведоа од самата компанија, oваа 2022 е несомнено нивната најтешка година, откако во претходната 2021 година менаџментот на друштвото подготвил план за санација на загубите.

Притоа, како што посочуваат од таму, значително се зголемила наплатата на побарувања постари од 3 години, како и на побарувања по основ на позајмици и дадени аванси во првата половина од 2022 година, додека наплатата на побарувањата во текот на 2021 и почеток на 2022 год од тековните проекти била редовна.

Што се однесува до старите побарувања од инвеститори, дел биле неплатени, меѓутоа, велат од таму, за наплата на останатите сè уште се водат судски постапки и се чека исходот. Таков е случајот, на пример, со недовршениот објект на Мајка Тереза, кој почна да се гради по договор со Министерството за култура, но подоцна беше нотиран како дивоградба од страна на работната група за „Скопје 2014“.

Намалувањето на вкупните обврски спрема добавувачите е за 44 отсто. Обврските кон добавувачите компанијата се поажурно ги подмирува и деновите за отплата на обврските ги намали од 256 во 2019, 186 во 2020, за да дојде до 177 дена во 2021 година. Во првата половина на 2022 година се намали и кредитната изложеност спрема Комерцијална Банка за 110 милиони ден“, објаснуваат од компанијата.

ЗАМРЗНУВАЊЕ НА ИМОТОТ

Во меѓувреме, Јавното обвинителство во април донесе решение за замрзнување на имотот на компанијата, што следуваше по одлуките на Собранието на акционери за продажба на дел од недвижниот имот кој не е во функција на основната дејност на друштвото, со цел „успешно реализирање на планот за реорганизација и реструктуирање“.

Оваа одлука на ЈО направи непроценлива штета, која доведе до огромни финансиски загуби, затоа што од тој момент се созаде недоверба во компанијата и во нејзината способност за регулирање на обврските, со што започнаа и најголемите блокади и на банкарските сметки и низа тужби за наплата на побарувања од страна на добавувачите со кои компанијата имала долгогодишна соработка“, стои во образложението на „Бетон“.

Во него се наведува дека на тој начин фирмата била спречена навремено да одговори на барањата на кредиторите и да обезбеди ликвидни средства за реализација на веќе потпишаните договори за градење со државните инвеститори, како и да исплати доспеани обврски спрема своите добавувачи.

Во жалбена постапка, кривичниот суд го уважи барањето на „Бетон“ за повлекување на вондредната мерка за замрзнување на недвижностите, по што компанијата можеше да располага со имотот дури од првата половина на јуни 2022 година. Меѓутоа планот за санација сè уште беше неможно да се спроведе до крај сè додека не се одблокираат банкарските сметки“, посочуваат од компанијата.

РАСКИНАТИ ДОГОВОРИ

Инаку, планот на „Бетон“ не се одвивал според замислите, а приходите на друштвото беа намалени поради неколку причини. Прво, договорот со оваа компанија го раскина Јавното претпријатие за државни патишта, со што ги активира и гаранциите кои друштвото во почетокот на 2022 година беше приморано целосно да ги исплати.

За ова еднострано раскинување на договорот, кое дојде после констатирани недостатоци во проектот за градење, а со тоа и до значително доцнење на реализацијата на проектот, е започната постапка пред арбриражниот суд за подмирување на побарувањата согласно доставените градежни книги и ситуации, како и за штети нанесени на компанијата“, истакнуваат од „Бетон“.

Исто така, и Народна банка го раскина договорот со оваа компанија за изградба на административната зграда, кој беше со важност до крајот на годинава, што пак следуваше после долги преговори со раководството и координативното тело на оваа институција за да се изнајде решение за измени на договор меѓу двете страни.

„Заради променети околности (Ковид 19, пораст на цени на градежни материјали, пораст на минимална плата, војна во Украина, пораст на цена на струја, нафта и гас), официјално баравме изнаоѓање на законска рамка во која ќе може да бидеме обештетени за енормното зголемување на трошоците за градење, а со тоа и загубите на компанијата“, велат од компанијата.

АКТИВИРАНИ ХИПОТЕКИ

Покрај тоа, кредиторите на „Бетон“ АД Скопје донеле одлуки да ги доспеат сите кредитни рамки на компанијата со што Комерцијална Банка АД, Стопанска Банка АД Скопје, Халк Банка и НЛБ Банка ги активираа своите хипотеки и мениците, со што пристапија кон постапка на извршување на целиот недвижен и подвижен имот на компанијата до подмирување на своите побарувања.

Во меѓувреме, компанијата не успева ниту да го предбележи веќе изградениот хотел во центарот на Скопје, веднаш до Белата Палата на ВМРО-ДПМНЕ, за кој, велат од компанијата, Катастарот одбива да го изврши уписот иако има градежна дозвола.

Дополнително, побарувања од „Бетон“ имаат и работниците, кои патем го иницираат стечајот преку матичниот синдикат за градежништво од причина што не им се исплатени 6 плати. Како што најавуваат од таму, освен платите ќе бараат и исплата на заостанатите регреси за годишен одмор за 2021 и 2022 година.

„Фокус“ своевремено пишуваше дека Јорданов се пријави како сопственик на офшор фирмата од Британските девствени острови – „Репро Оне Лимитед“, која долги години поседуваше најмногу акции во „Бетон“. Но, тој преку оваа компанија поседува и други фирми во земјава, меѓу кои е и „Репро 21“, која пак, како што пишувавме, поседува многу атрактивни недвижности.

Влатко Стојановски

Поврзани новости