Како се множеа инцидентите во „дворот“ на ДУИ?

Во последните 15 години, се случија серија физички напади, па дури и вооружени престрелки, во кои учествуваа функционери и членови на ДУИ или нивни блиски роднини и соработници, а дел од нив завршија и со смртни последици.

by Фокус

Нападот врз претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски од страна на синот на поранешниот вицепремиер од ДУИ Муса ЏафериАријанит Џафери, само затоа што Комисијата одлучила да поведе постапка за одземање на лиценцата на неговата компанија за трговија и снабдување со струја „У-Повер“, е последен од низата инциденти во кои се инволвирани функционери на ДУИ или нивни блиски роднини и соработници, или, пак, се случуваат на партиски настани, без патем да се понесе одговорност-политичка и морална, а особено кривична.

Вакви напади имаше и во периодот кога ДУИ се формираше како и политичка партија и стана дел од Владата во периодот од 2002 до 2006 година. Меѓутоа, најголемиот инцидент од ваков тип датира од периодот кога ДУИ, иако победи на парламентарните избори во 2006 година, сепак, остана во опозиција, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ одлучи да формира мнозинство со ДПА. Таквата ситуација резултираше со протести, тензии и политичка криза, што се прелеваше и во институциите, главно во Собранието.

Така, на една собраниска седница во 2007 година, препукувањата меѓу пратениците на ДУИ, од една страна, и на тогашните коалициски партнери ДПА и ПДП, од друга страна, прераснаа во физички инциденти низ собраниските сали и ходници. Во таква ситуација, владејачките албански ДПА и ПДП на „помош“ повикаа припадници на полцииските „алфи“, додека опозициската ДУИ повика припадници на партиското обезбедување.

Па, меѓу оние кои пристигнаа беше Бекир Асани, кој во Парламентот го нападна тогашниот новинар на А1 телевизија Лирим Дулови. После тој инцидент, жестоко реагираа најголем дел од политичките партии, новинарските организации, па и меѓународната заедница, меѓутоа судскиот процес за случајот се влечеше со години. Во меѓувреме, Асани беше дел и од групата која го демолираше споменикот на Цар Душан на еден од новите мостови на Вардар, а се поврзуваше и со нападот врз Тодор Петров поради поставувањето на крст во Бутел.

Сепак, за цел период тој активно и непречено го водеше огранокот на ДУИ во Чаир и беше дел од партиското Централно претседателство. Впрочем, така беше се додека Асани не беше вклучен во друг инцидент што доби силен публицитет во јавноста. Се работи за случајот кога припадничка на МВР беше нападната во моментот кога пајак-службата се обидела да го крене непрописно паркираниот џип на Асани во близина на Мавровка. И покрај сомнежите дека дошло до физички контакт, сепак, на крајот официјалната верзија се сведе на тоа дека расправијата била само вербална.

НАПАД ВО ОПШТИНА, УПОТРЕБА НА ПИШТОЛ

Затоа, Јавното обвинителство одби да го гони Асани. Поточно, надлежен обвинител утврдил дека тој кон полицајката Јасмина Јаначкова упратил навреди и вулгарности, но притоа немало докази дека Јаначкова била нападната или дека била мета на сериозна и остварлива закана. Сепак, овој настан силно одекна во јавноста, поради што, меѓу другото, челното место во чаирскиот огранок го презеде пратеникот Изет Меџити.

Но, Асани не е единствен поранешен или се уште актуелен функционер на ДУИ кого го следи историја на слични инциденти. Во таков контекст, во изминатиот период постојано се споменуваше името на охридскиот бизнисмен Нефи Усеини, кој воедно е прв човек на ДУИ во Охрид, подолг период е општински советник, а ја предводи партиската советничка листа и на претстојните локални избори. Освен што тој беше прозиван дека преку неговите градежни компании добивал општински тендери и државни концесии, градел дивоградби и сл., неговото име се поврзуваше и со физички напади.

Прво, Усеини стана познат откако вербално нападнал општински инспектор при увид во негов ресторан, чија тераса е дивоградба. Потоа, советникот на БЕСА во Општина Охрид, Џемал Џана, го пријави Усеини дека со уште 2 лица физички го нападнал за време на седница на Советот, бидејќи одбил да гласа за усвојување на извештајот за работа за Јавното претпријатие „Нискоградба“, чиј директор е кадар на „интегративците“. Исто така, Усеини во Охрид го нападна и професорот Илјаз Илјази, но тој не се гонеше за ниту еден од овие настани.

Особено индикативен беше еден друг настан поврзан со Усеини. Првично, охриѓанецот Спирко Топалоски пријави дека бил нападнат од Усеини и неговиот брат, кои, според неговата првична верзија, му се заканувале со пиштол пред неговиот малолетен син. Арно ама, неколку дена подоцна, Топалоски ја смени изјавата, посочувајќи дека добил удар но лажно добил впечаток дека бил употребен и пиштол, поради, како што рече, стрес. „Нефи бил и ќе остане мој пријател“, порача Топалоски откако се предомисли.

Во тој период, Усеини и неговите браќа вусшност беа во бегство, но по 6 дена се пријавија во охридскиот затвор да одлежат 8 дена во притвор. Иако обвинителството го гонеше под сомнеж за насилство и употреба на оружје, а снимките од хотелот каде се одвивал настанот покажале употреба на пиштол, сепак, до денес нема никаква одговорност и не се изречени сериозни санкции. Дури, Усеини повторно ја бара довербата од охриѓани за нов советнички мандат.

ВНАТРЕПАРТИСКИ ВООРУЖЕНИ ПРЕСМЕТКИ

Не така одамна, ДУИ беше карактеристична по внатрепартиските инциденти, особено во периоди на избори на нови општински раководства и органи. Како што е познато, во еден таков индидент за превласт во струшкиот огранок учествуваа приврзаниците на актуелниот струшки градоначалник Рамиз Мерко и на поранешниот пратеник на ДУИ Арбен Лабуништа. Во овој судир победи Мерко, кој целосно ја зазеде струшката филијала на ДУИ, додека Лабуништа ја напушти партијата и се пресели во БЕСА.

Исти вакви инциденти имаше и во Сарај меѓу приврзаници на градоначалникот Блерим Беџети и на поранешниот потпретседател на Собранието Рафиз Алити, меѓутоа се чини најдалеку отидоа пресметките во кумановско-липковскиот огранок на партијата. Имено, на почетокот на 2015 година, во Липково беше убиен влијателниот член на ДУИ Џемаил Реџепи, познат како командант Шкипоња, од страна на Бајрам Лимани, кој тогаш беше в.д. претседател на кумановскиот огранок на ДУИ. Лимани тврдеше дека пукал во самоодбрана.

Неколку години подоцна, поточно во 2018 година, по состанок на ДУИ во централата во тетовска Мала Речица, се случила вооружена престрелка, во која повторно учествуваа функционери и членови на ДУИ од кумановско-липковскиот регион. Во оваа пресметка, загина Наим Реџепи од Белановце, влијателен член на ДУИ на локално ниво, а едно лице беше тешко повредено. Според неофицијални информации, Реџепи работел на преземање на огранокот на другата група, што го предизвикало овој инцидент со смртни последици.

Пукањето со огнено оружје е редовен декор на митинзи и други партиски собири на ДУИ, како што беше случај и пред неколку денови, кога на собир во Чаир, за време на говор на Меџити, еден од присутните испука неколку истрели во воздух. Покрај останатите, присутен на настанот бил и заменик-министерот за внатрешни работи Назим Буши, во придружба на двајца членови од неговото лично обезбедување. Станува збор за припадници на МВР, поради што биле повикани во внатрешна контрола да дадат исказ.

Премиерот Зоран Заев го осуди овој инцидент, посочувајќи дека му рекол на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски да постапува по сите случаи. Исто така, инцидентот го осуди и првиот вицепремиер Артан Груби, кој, пак, во 2011 година беше на скопско Кале, кога се судрија две групи по повод изградбата на црква. Тогашниот заменик-министер за внатрешни работи Џевад Бучи ги ослободуваше приведените граѓани, а подоцна беа изречени само условни казни, и тоа за дел од учесниците.

Оттука, останува впечатокот дека речиси сите инциданти од ваков тип, поврзани со ДУИ и нивни функционери, завршуваат без сериозна одговорност и санкции.

Влатко Стојановски

Поврзани новости