Како Рашковски купил автомобил вреден над 50.000 евра за само 5.000 евра?

by fokus

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ќе поведе иницијатива за утврдување одговорност за Драги Рашковски до Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, за незаконито постапување со цел примање награда – возило.

ДКСК има сомневање за сторено кривично дело од страна на Рашковски по член 359, став 1 и 2 од Кривичниот законик, односно примање награда за противзаконито влијание.

Според Горан Трпеноски, член на ДКСК, кој денеска го образложи овој случај, екс генералниот секретар во Владата, Драги Рашковски и покрај укажувањата од Министерството за транспорт и врски, очигледно тенденциозно, доставувал информација до Владата за градење од страна на гостиварска фирма објекти што се сопственост на државата, која за десеткратно помала цена продала возило на Игор Христов, а тој потоа го подарил на сопругата на Рашковски.

Во анкетниот лист од 05.03.2021 година Драги Рашковски, тогашен секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на програмата за работа на Владата, навел дека со договор за подарок неговата сопруга се стекнала со автомобил марка „доџ“, произведен 2005 година во вредност од 300 илјади денари или околу пет илјади евра, без да наведе дополнителни карактеристики за возилото.

Од документацијата, како што наведе Трпеноски, произлегуваат сомневања за незаконито постапување на Рашковски, со цел примање награда, во конкретниот случај – возило. Од МВР до Антикорупциска биле доставени два договори и тоа за купопродажба на возилото „доџ“ кабриолет склучен на 09.11.2020 година меѓу гостиварска фирма и Игор Христов и договор за истото патничко возило склучен на 10.02.2021 година меѓу Игор Христов и Вероника Рашковска, сопругата на Драги. Инаку, потсети Трпеноски, Христов е и советник во Владата, како и еден од осомничените во случајот со Рашковски за набавка на софтверите.

Трпеноски појасни дека по извршената проверка на пазарот, оваа марка на возило иако е произведена 2005 година чини од околу 50 илјади евра па нагоре, што е, како што рече, десеткратно повисока вредност од наведената цена во договорот.

За оние кои се разбираат што е „доџ вајпер“, нагласи тој, новото возило се движи до сто и кусур илјади евра.

– Од наведеното произлегува дека блиско лице на Рашковски, добила на подарок од Игор Христов возило што вреди околу 50 илјади евра, кое истото го купил за невообичаено ниска цена од гостиварската фирма, која пак имала поднесено барање за спроведување постапка за склучување пред договор за пренесување на правата за градење објекти што се сопственост на државата, доставено до Владата. Тоа води кон сомневање за преземање дејствија спротивни на закон. По извршената проверка откриено е дека на 17.12.2018 година до Генералниот секретаријат на Влада, гостиварскат фирма доставила барање за спроведување постапака за склучување пред договорот. Во барањето се известува за имот за катастарска Општина Гостивар во вкупна површина од 366 квадратни метри деловен простор, имот сопственост на државата, а со право на користење на УЈП во Гостивар и Централниот регистар – Гостивар, појасни Трпеноски.

Рашковски и покрај укажувањата од Министерството за транспорт и врски за неисполнетоста на законските услови, во повеќе наврати, продолжува со дејствијата.

И покрај негативното мислење на Министерството за транспорт и врски од страна на Генералниот секретаријат повеќепати во текот на 2019 година на дневен ред на седница на Владата била доставена информација со цел пред договор за пренесување на правата на гредење на гостиварската фирма, по која што, како што рече Трпеноски, се донесени различни заклучоци за овластувања, за потпишување на наведнениот пред договор.

Ако има за пет илјади евра да се купи вакво возило, повика Трпеноски, јас би купил такво возило.

– Тука има доста работа и за обвинителството, за инспекциските служби, за катастар. Како е направен техничкиот пропуст, зошто од 2011 година, кога е донесено решение за приватизација досега не е извршена корекција, рече меѓу другото Трпеновски.

Објектот што се споменува во овој случај во Гостивар, според Трпеноски, најверојатно е влезен и во стечајната маса на пропаѓањето на Евростандард банка и Здружението на оштетени штедачи реагирале за овој случај.

Поврзани новости